
За Марија Дојошевска, менаџер на сметководство во Млекара АД Битола, вредноста на финансиските податоци е во тоа колку помагаат да се разбере работењето и навреме да се донесе добра одлука. Во 18 години професионален развој во Бимилк, од сметководител до менаџер, таа ги следи промените во компанијата и трансформацијата на сметководството како активна поддршка на менаџментот. Во индустрија во која променливите трошоци бараат внимателно планирање, нејзиното искуство отвора разговор за финансиската дисциплина, довербата меѓу деловните партнери и условите што го прават растот одржлив. Дојошевска во интервјуто говори за улогата на сметководството во деловното одлучување, финансиската дисциплина и ликвидноста. За дигитализацијата, довербата на партнерите и одржливиот раст на Бимилк.
ПАРИ: Веќе 18 години сте дел од Бимилк. Како се промени сметководствената функција во тој период?
ДОЈОШЕВСКА: Кога започнав во 2008 година, сметководствената функција беше првенствено насочена кон евидентирање на деловните настани и трансакциите. Со развојот на компанијата, сè поголемо значење добиваа анализата на податоците и нивната примена во деловното одлучување. Денес од нас се очекува навреме да ги препознаеме отстапувањата и да обезбедиме информации што ќе му помогнат на менаџментот да ја процени состојбата и да донесе соодветни одлуки.
Мојот пат од сметководител, преку главен сметководител, до менаџер на сметководство ми овозможи да ги запознам процесите од различни позиции. Тоа искуство ми помага да ги поврзам финансиските податоци со она што се случува во секојдневното работење. Во Бимилк, унапредувањето на ERP-системот и дигитализацијата се важен дел од оваа промена.
ПАРИ: Променливите цени на суровините и енергенсите го отежнуваат планирањето во млечната индустрија. Како сметководството помага навреме да се согледа нивното влијание?
ДОЈОШЕВСКА: Нашата улога е да обезбедиме точна и навремена слика за финансискиот резултат и состојбата на компанијата. Промените во трошоците треба да се следат во однос на планот, но и да се анализираат причините за отстапувањата. Така менаџментот добива основа да процени каде е потребно приспособување.
Во Бимилк, во рамки на секторот сметководство и финансии, значајно место имаат буџетирањето, следењето на реализацијата и анализата на отстапувањата. Притоа, важно е бројките да се разгледуваат во контекст на деловните процеси. Затоа ни се неопходни навремени информации и добра соработка со другите сектори.
Одговорноста на сметководството е да обезбеди веродостојни податоци и анализи како поддршка за одлучувањето. Нивната вредност е најголема кога се достапни додека сè уште има простор за навремена реакција.

ПАРИ: Колку финансискиот резултат ја покажува стабилноста на компанијата и зошто е важно да се следи и ликвидноста?
ДОЈОШЕВСКА: Добриот финансиски резултат сам по себе не е доволен ако компанијата не може навреме да ги исполнува обврските. Затоа резултатот, ликвидноста и паричните текови треба да се разгледуваат заедно.
Во нашето работење се следат побарувањата и обврските. Посебно внимание се посветува на кредитниот ризик, при што двете одделенија за кредитна контрола ја проценуваат кредитната способност на купувачите и ја следат наплатата. Тоа помага потенцијалните ризици да се препознаат порано. Покрај тоа, важно е да се следат движењата на паричните текови и да се процени нивното влијание врз можноста за навремено исполнување на обврските. За деловните партнери, тоа е и прашање на доверба.
Од моја перспектива, финансиската дисциплина значи редовно да се следат овие показатели и навреме да се согледа нивната меѓусебна поврзаност. Така се создава подобра основа за планирање на обврските и за стабилно работење. Добриот финансиски резултат е важен, но стабилноста се гледа и во способноста на компанијата добро да управува со своите финансиски ресурси.
ПАРИ: Каде дигитализацијата носи најконкретна корист за сметководството и за менаџментот?
ДОЈОШЕВСКА: Во соработка со ИТ-секторот работиме на унапредување на ERP-системот и извештајните алатки. Целта е да ги намалиме рачните и повторливите активности, да ја зголемиме точноста на податоците и да овозможиме побрз пристап до информациите. Со тоа останува повеќе време за анализа и контрола.
За менаџментот е значајно што приходите и трошоците од билансот на успех, побарувањата, обврските, паричните средства и останатите ставки од билансот на состојбата, како и реализацијата на буџетите, можат да се анализираат во пократки временски интервали. Тоа овозможува порано да се забележат отстапувањата.
Сепак, квалитетот на извештаите зависи и од луѓето и од процесите. Во секторот сметководство и финансии меѓу вработените има јасна распределба на задачите а соработката со другите сектори е неопходна за податоците да бидат точни и навремени. Технологијата има најголема вредност кога е поткрепена со таква организација.
ПАРИ: Како го гледате балансот меѓу финансиската дисциплина и вложувањето во понатамошниот развој на Бимилк?
ДОЈОШЕВСКА: Финансиската дисциплина треба да помогне вложувањата да се планираат врз реална проценка на можностите и очекуваните ефекти. Во услови на променливи трошоци и предизвици во снабдувањето, важно е да се разгледуваат различни сценарија и да се остави простор за приспособување.
Можностите за Бимилк ги гледам во развојот на производи според потребите на потрошувачите, поефикасното користење на ресурсите и намалувањето на загубите. За одржлив раст, тие планови треба да бидат усогласени со производните, организациските и финансиските капацитети на компанијата.
Низ годините во Бимилк видов колку е важна врската меѓу деловните планови и секојдневната работа. Квалитетот на производите и довербата на партнерите и потрошувачите се градат токму таму. Нашиот придонес е да обезбедиме точни информации и одговорна работа, за одлуките за развој да имаат добра основа.
Аналитика








