ПОВЕЌЕ

    SAFE – нова можност за развој на микрофинансискиот сектор и подобар пристап до финансии за малите бизниси во Северна Македонија

    Време зa читање: 4 минути

    Регионалната иницијатива на Европската комисија, Cassa Depositi e Prestiti (CDP) и Banca Etica со кредитно портфолио од 30 милиони евра отвора можности за нови извори на финансирање, посилни партнерства и поголема финансиска инклузија во Западен Балкан

    По повеќегодишна меѓународна соработка на Групацијата на небанкарски финансиски институции при Стопанската комора на Сверна Македонија и контактите остварени за време на МикроБалканс 2026, се отвора нова можност за конкретна финансиска поддршка на небанкарските финансиски и микрофинансиски институции, како и на малите бизниси во Северна Македонија.

    На 11 ноември 2026 година, во Сараево, официјално ќе биде претставена регионалната иницијатива SAFE – Sustainable Access to Finance for Entrepreneurship, односно „Одржлив пристап до финансии за претприемачи“. Поддржана од Европската комисија и Cassa Depositi e Prestiti (CDP), а имплементирана од Banca Etica, иницијативата има за цел да ја унапреди финансиската инклузија и да го олесни пристапот до финансии за микро, малите и средните претпријатија во Западен Балкан. Проектот опфаќа шест земји – Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Северна Македонија, Црна Гора и Србија – со посебен фокус на социјалните претпријатија и бизнисите управувани од жени и млади.

    Во Сарево на регионалниот панел посветен на одржливиот пристап до финансии ќе учествува Никола Јошевски, претседател на Групацијата на небанкарски финансиски институции при Стопанската комора на Северна Македонија, заедно со претставници на микрофинансискиот сектор од Албанија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Србија.

    Како функционира SAFE?

    Cassa Depositi e Prestiti (CDP) е водечки партнер и обезбедува кредитна линија за Banca Etica, како и гарантен механизам за покривање на дел од потенцијалните загуби. Европската комисија, преку Генералниот директорат за проширување и Источно соседство (DG ENEST), обезбедува поддршка преку гарантен фонд за првични загуби, субвенционирање на каматните стапки и техничка помош. Banca Etica, како партнер за имплементација, ги пласира средствата до локалните микрофинансиски институции.

    Предвидено е во првите 36 месеци да се формира и пласира кредитно портфолио од 30 милиони евра, наменето за микрофинансиските институции во шесте земји. На овој начин ќе се зајакнат нивните финансиски капацитети и можностите за кредитирање на локалните микро и мали бизниси.

    Покрај финансиската поддршка и механизмите за споделување на ризикот, SAFE вклучува и техничка помош за подобро управување со ризиците и интегрирање на ESG-принципите, како и обуки во областите на дигиталната едукација и зелените работни места. Проектот е предвиден да трае седум години, со почетен тригодишен период за пласирање на средствата кон микрофинансиските институции.

    Значењето за Северна Македонија

    За Северна Македонија, SAFE отвора можност за вклучување и зајакнување на небанкарскиот финансиски и микрофинансиски сектор и проширување на пристапот до финансии за бизниси кои често потешко ги исполнуваат условите на традиционалното банкарско кредитирање.

    Микро и малите претпријатија, самовработените лица, стартапите, семејните и руралните бизниси имаат реални развојни потреби, но често се соочуваат со ограничувања поради недостиг од обезбедување, кратка кредитна историја или недоволен финансиски капацитет. Токму тука небанкарските финансиски институции имаат важна улога – преку поблискиот пристап до претприемачите и пофлексибилните финансиски решенија.

    За еден мал семеен производител, на пример, пристапот до средства за нова опрема може да значи зголемување на производството и отворање нови работни места. За млада претприемачка, соодветно финансирање може да биде клучно за проширување на веќе започнат бизнис.

    Преку SAFE, домашните микрофинансиски институции добиваат можност да пристапат до дополнителни финансиски ресурси и техничка поддршка, со што би можеле да го прошират опфатот на кредитирање и да допрат до претприемачи кои имаат ограничен пристап до финансии. Посебно значајна е можноста за поддршка на женското и младинското претприемништво, руралните бизниси, како и инвестициите во дигитализација и зелена транзиција.

    Вистинскиот успех на SAFE иницијативата ќе се мери не само преку обезбедените финансиски средства, туку и преку конкретните можности што ќе ги создаде за малите бизниси – повеќе инвестиции, нови работни места и подобри услови за претприемачите кои имаат потенцијал за раст, но сè уште се соочуваат со ограничен пристап до финансии.

    ПР Објава.

    19,505Следи нè на facebookЛајк

    слично