
Охридски АСП-ПАК влегува во нов инвестициски циклус вреден над 10 милиони евра. Компанијата ќе гради производствен погон што треба да биде целосно роботизиран и да користи апликации базирани на вештачка интелигенција. Според плановите, инвестицијата двојно ќе се зголеми производствениот капацитет.
Камен-темелникот на новиот капацитет денеска беше поставен во Охрид, во присуство на премиерот Христијан Мицкоски, претставници на компанијата и други гости.
Инвестицијата доаѓа во период кога АСП-ПАК веќе има значително присуство на странските пазари. Компанијата извезува во повеќе од 50 земји, соработува со над 500 клиенти, а финансиските податоци покажуваат дека извозот и приходите продолжуваат да растат.

Според податоците од Бизнис Мрежа, АСП-ПАК лани остварил вкупни приходи од 15,6 милиони евра (+5,49%). Во тие рамки од особено значење е извозниот резултат. Компанијата реализирала извоз од 4,84 милиони евра, за 7,36 насто повеќе во однос на 2024 година. И покрај таквата релизација на приходната страна, годишната нето-заработка се намалила за 12,33 отсто и за 2025 година изнесувала 3,04 милиони евра.
Во АСП-ПАК лани работеле 60 лица, двајца повеќе од претходната година. Просечната нето-плата била во износ од 50.648 денари, со годишен раст од 11,14 насто. Бруто-маржата на компанијата достигнала 32,88 отсто, што претставува подобрување од 5,96 насто во споредба со 2024 година.
А платите се еден од параметрите што менаџментот планира да ги промени со новата инвестиција. Директорот на АСП-ПАК, Кирил Спасески, најави дека по завршувањето на проектот целта е просечната плата на вработените да достигне од 1.500 до 2.000 евра. Истовремено, производствениот капацитет треба да биде двојно поголем, роковите за испорака да се преполоват, а производството да обезбеди, како што посочи, стопроцентен квалитет на производите.
Новата линија ќе биде целосно роботизирана, со примена на вештачка интелигенција во производствениот процес. Инвестицијата се реализира со поддршка од Владата, со која склучи договор за стратешко партнерство.
Премиерот Мицкоски оцени дека технолошката компонента на инвестицијата е особено значајна и може да послужи како поттик и за други домашни компании да инвестираат во роботизација и вештачка интелигенција за зголемување и оптимизација на производството.

АСП-ПАК почнал со работа во 2000 година како мал семеен бизнис, со производство на плетени полиетиленски производи за пакување и мрежи за земјоделството, градежништвото и индустријата. За нешто повеќе од две и пол децении компанијата се развила во извозно ориентиран производител.
Исто така, и податоците од Бизнис Мрежа покажуваат дека деловното присуство на компанијата не е ограничено само на основната производствена дејност. АСП-ПАК се јавува како сопственик во седум други друштва, со активности во енергетиката, земјоделството, недвижностите, сметководството и консалтингот: Енсол Охрид, Водават 6 Охрид, АСП Консалтинг Охрид, Макбел Хидро Охрид, Сарамзалино аграр, АСП естате Охрид и Поледелство Ерџелија.
Аналитика








