Окта и Факом се двете друштва чиишто акции ги зазедоа челните позиции на берзанските листи за најголем пораст и за најголемо опаѓање во октомври. На едната страна е најдоброто остварено позитивно движење кое достигна речиси 15 насто, а најголемиот пад се позиционираше под самиот праг од 100 насто.
Акцијата на Окта бележи месечно зголемување од 14,96 насто. Од 5.175 денари на 5.949 денари. Еден месец претходно, нафтената акција беше на негативната листа (-5,32%).
Носител на вториот по големина раст е Хотели Метропол Охрид. На 30 септември акцијата вредела 230 денари, а на 30 октомври 250 денари. Разликата е плус 8,70 насто.
Акцијата на Гранит ја следи месечен раст од 3,33 насто. На крајот од септември била на нивото од 1.500 денари, а десеттиот месец го завршила со 1.550 денари.
За илјада денари, или за 2,22 насто е повисока вредноста на акцијата издадена од Титан УСЈЕ, од 45.000 на 46.000 денари. Минатиот месец оваа акција беше прва на листата со минусен предзнак (-7,79%).
Позитивно поместување од 0,20 насто е регистрирано кај акцијата на Алкалоид – од 22.107,57 на 22.152,74 денари. Исто така и оваа акција во септември беше на негативната листа (-7,27%).
Повеќе од 6.900 денари загубила за еден месец акцијата на Факом. Од 6.984 денари во септември, вредноста во октомври се спуштила на само 58 денари. Тоа е пад од 99,17 отсто.
Минус од 17,14 насто има кај акцијата на Македонијатурист. Од 7.000 денари се намалила на 5.800 денари.
Двоцифрено е намалувањето и на акцијата издадена од Лотарија на Македонија. По септемвриските 150 денари, просечната цена се заокружила на 130 денари. Загубени се 13,33 отсто.
Битолскиот Фустеларко Борец, односно неговата акција бележи намалување од 7,41 отсто. На крајот од октомври чинела 2.700 денари, двеста денари помалку отколку претходниот месец.
Листата завршува со падот од 6,27 отсто – акцијата на Македонски Телеком на 30 септември вредела 495,01 денар, а октомври го завршила со просек од 463,96 денари.
Аналитика








