Добивка од 334,1 милион евра оствариле котираните компании на Македонската берза во првите девет месеци од годинава. Заедничкиот нето-резултат е за 6,67 насто подобар од постигнатиот во истиот период лани, кога изнесувал 313,2 милиони евра.
Зад вкупната бројка има нерамнотежа во профитната сила. Десет компании заработиле 289,4 милиони евра, што претставува 86,6 отсто од вкупниот нето-резултат на котираните друштва. Само банките, пак, учествуваат со 151,4 милиони евра.
Ако се гледаат само компаниите со позитивна финансиска завршница, нивното заедничко остварување достигнува 345,6 милиони евра. Една година претходно резултатот бил 322 милиони евра, што укажува на раст од 7,33 насто. Притоа, десетте најпрофитабилни имаат удел од 83,7 отсто во вкупно остварените добивки, додека останатите компании што работеле позитивно заедно заработиле 56,2 милиони евра.
Вкупниот нето-резултат од 334,1 милион евра е разликата меѓу 345,6 милиони евра остварени добивки и 11,5 милиони евра загуби. Во споредба со првите девет месеци од 2025 година, вкупните добивки се повисоки за 7,33 насто, а загубите се зголемени за 30,8 насто.
И СО НАМАЛЕНА ЗАРАБОТКА БАНКАРСТВОТО Е НАЈПРОФИТАБИЛЕН СЕКТОР
Банкарството е убедливо најпрофитабилната дејност меѓу котираните компании. Седумте банки заедно оствариле нето-добивка од 151,4 милиони евра. Сепак, тоа е за 7,84 отсто помалку во однос на споредбениот деветмесечен период од 2025 година, кога банкарскиот сектор заработил 164,2 милиони евра.
Најсилен раст меѓу петте најпрофитабилни сектори има кај трговијата со нафтени деривати. Двете компании од оваа дејност – Макпетрол и Окта заработиле 47,4 милиони евра. Годишниот раст е високи 113,53 насто, и целосно се потпира на нагорните движења забележани во Окта.
Индустриските компании, вкупно 34, оствариле добивка од 42,1 милион евра, проследена со годишен пад од 11,67 отсто. Минус кај профитот регистрирале 11 друштва, а три биле и останале во загуба.
Секторот услуги со 16 друштва има добивка од 37,7 милиони евра, или за 4,12 насто повеќе од лани. Со намалување на добивката, со движења од -0,72 до -90,28 отсто се соочиле пет компании од оваа дејност.
Фармацевтскиот сектор останал речиси на исто ниво, односно има минимално негативно поместување од 0,15 отсто. Заедничкиот профит на двете друштва од секторот изнесува 28,02 милиони евра. Деветмесечниот финансиски резултат на Алкалоид е вброен меѓу топ 10-те профитни достигнувања, а Реплек бележи намалена добивка во однос на ланските девет месеци.

ДЕСЕТ КОМПАНИИ СО ДОБИВКА ОД 289,4 МИЛИОНИ ЕВРА
Листата на најпрофитабилните е сочинета од друштва што делуваат во неколку сектори, но доминантни се банките и компаниите од трговијата со нафта и нафтени деривати.
На врвот на листата и натаму е Комерцијална банка, со нето-добивка од 68,3 милиони евра, иако резултатот е за 1,07 отсто понизок од лани. Следува НЛБ Банка со 41,1 милион евра и раст од 0,99 насто. А потоа и Стопанска банка Скопје која заработила 38 милиони евра, но нејзината добивка е намалена за 18,32 отсто.
Македонски Телеком има добивка од 32,1 милион евра, или 4,99 насто повеќе, додека Алкалоид остварил консолидирана добивка од 25,1 милион евра, со зголемување од 3,81 насто.
Најголемиот скок меѓу најпрофитабилните компании го има ОКТА. Добивката достигнала 33,5 милиони евра, наспроти 7,3 милиони евра лани, што е означено со раст од 361,03 насто. Поголемо позитивно движење има и кај Македонијатурист, од 147,87 насто, а добивката достигнала 8,1 милион евра.
Освен двете споменати банки, минусен предзнак има и пред добивката на Макпетрол. Деветмесечната заработка изнесува 13,9 милиони евра и е намалена за 6,87 отсто на годишно ниво.

ТУТУНСКИ КОМБИНАТ СО 7.436,70 % ПОВИСОКА ДОБИВКА
Од аспект на процентуалните скокови, се издвојуваат пет друштва. Кај нивните добивки се регистрирани движења од над 340 до речиси 7.500 насто.
Во овој сегмент предводник е Тутунскиот комбинат од Прилеп, кој успеал од ланските 17,8 илјади евра, во трите годинешни квартали да креира добивка од 1,3 милиони евра. Со тоа е постигнат раст од респектибилни 7.436,70 насто.
Следува РЖ Техничка контрола со зголемувањето од 1.527,45 насто. Добивката на ова друштво е во износ од 151,4 илјади евра.
Скопски пазар остварил добивка од 1,9 милиони евра, наспроти 257,5 илјади евра лани. Растот е 623,58 насто.
ОКТА е четврта според процентуалниот раст, со веќе споменатите 361,03%, додека Македонија осигурување – Виена Иншуренс Груп има добивка од околу 2 милиони евра, за 340,32 насто повеќе од лани.

ПОМАЛКУ КОМПАНИИ СО ЗАГУБА, НО ПОГОЛЕМ НЕГАТИВЕН ИЗНОС
На Македонската берза котираат 90 друштва, од кои шест се под долгорочна суспензија: АрцелорМиттал (ХРМ) АД Скопје, Благој Туфанов АД Радовиш, Трудбеник АД Охрид, Тајмиште АД Кичево, Агромеханика АД Скопје и Жито Караорман АД Кичево.
Во првите девет месеци од 2026 година со загуба работеле 17 компании, две помалку отколку во истиот период лани. Но, иако бројот на компании со негативен резултат е намален, нивната вкупна загуба е зголемена. Од околу 8,8 милиони евра во 2025 година, негативниот износ пораснал на 11,5 милиони евра, односно за 30,8 насто.
М.А.
Аналитика








