Иранската Исламска револуционерна гарда денес соопшти дека два нафтени танкера и еден брод-реморкер се запалиле во одделни инциденти во Ормускиот теснец, откако пловните објекти се обиделе да користат, како што беше наведено, неовластена рута.
Во соопштението, пренесено од официјалната новинска агенција ИРНА, Револуционерната гарда наведува дека голем нафтен танкер удрил во мина во средата навечер, додека се обидувал да помине по „неовластена рута“ јужно од теснецот.
Танкерот се запалил и застанал, се вели во соопштението.
Во друг инцидент, уште еден супер-танкер се запалил додека ја напуштал рутата во источниот дел на теснецот.
Реморкерот, кој се приближил за да помогне во гаснењето на пожарот, исто така се запалил, се додава во соопштението.
Револуционерната гарда на Иран, исто така, соопшти дека единицата за електронско војување на нејзината морнарица „презела контрола над две летала од типот ’Лукас‘“, опишувајќи ги како „натрапници“.
Револуционерната гарда тврди дека нејзината морнарица продолжува да ја одржува контролата врз Ормускиот теснец.
Исто така, ги обвини САД дека „ги охрабруваат пловните објекти да ги прекршат ограничувањата и да поминат низ рута каде што се поставени мини“, додавајќи дека штетата што ќе настане „ќе наметне големи трошоци за осигурување за американските даночни обврзници и регионалните сојузници“.
Револуционерната гарда предупреди дека обидите за прекршување на правилата што го регулираат поминувањето низ теснецот „ќе доведат до дополнителни финансиски загуби и политички неуспеси за Вашингтон“.
Ормускиот теснец, кој се наоѓа меѓу Иран и Оман, е една од стратешки најважните поморски рути во светот, преку која се транспортираат значителни количества нафта и гас од земјите од Заливот кон меѓународните пазари.
САД и Израел започнаа војна против Иран на 28 февруари, а во април беше постигнат прекин на огнот.
Судирите меѓу Вашингтон и Техеран продолжија во јули, во услови кога дипломатските напори за ставање крај на војната се во застој.
Аналитика








