Илон Маск е еден од најголемите финансиски губитници на американските избори на 3 ноември. Најбогатиот човек на светот вложи најмалку 446 милиони долари во политичките комитети што ги поддржуваа републиканците, од кои над 200 милиони беа насочени кон изборната битка во Тексас, но инвестицијата не го спречи поразот на кандидатите на кои сметаше.
Демократите го освоија мнозинството и во Сенатот и во Претставничкиот дом, а најбогатиот човек во светот се соочува со можност за конгресни истраги, построг надзор врз државните договори и поголеми регулаторни ограничувања за Tesla, SpaceX, Starlink и неговите бизниси со вештачка интелигенција. Но, Маск не беше единствениот технолошки милијардер што вложуваше огромни суми во републиканска победа. Во изборната трка влегоа и сопствениците на капитал вреден милијарди долари во вештачка интелигенција, криптовалути, одбранбена технологија и дигитални платформи.
Изборната ноќ во Соединетите Американски Држави донесе исход што не го посакуваа дел од најбогатите луѓе во технолошката индустрија. И покрај рекордното финансирање на републиканските кандидати, Демократската партија го презеде Конгресот, со што ја ограничи можноста на претседателот Доналд Трамп да продолжи да носи нови закони со поддршка од сопственото парламентарно мнозинство.
Илон Маск, сопственик на X и раководител на Tesla, SpaceX и компанијата за вештачка интелигенција xAI, беше убедливо најголемиот поединечен финансиски поддржувач на републиканците.
Според податоците на американската Федерална изборна комисија (FEC), анализирани од „Гардијан“, до 29 октомври Маск пренасочил најмалку 445,77 милиони долари кон политички комитети и организации што ги поддржувале републиканците, соборувајќи го сопствениот рекорд од изборите во 2024 година, кога вложи приближно 290 милиони долари за враќањето на Трамп во Белата куќа и за други републикански кандидати.
Најголемиот примател беше неговиот политички комитет America PAC, на кој му додели околу 216 милиони долари. Дополнителни 168 милиони долари беа насочени кон Senate Leadership Fund, главниот политички комитет за поддршка на републиканските кандидати за Сенатот, а 30 милиони долари кон Congressional Leadership Fund, кој ги поддржува републиканците во Претставничкиот дом.
Но, најголемата инвестиција на Маск во една поединечна изборна битка заврши со пораз – и тоа токму во Тексас, државата во која се наоѓаат некои од неговите најзначајни деловни операции.
Маск вложи огромни средства за победа на републиканецот Кен Пакстон, кој се натпреваруваше за место во американскиот Сенат против демократот Џејмс Таларико.
Во септември, Маск уплатил 158 милиони долари во Senate Leadership Fund, по што истиот износ, преку две трансакции, бил пренесен во Texas PAC, организација формирана за поддршка на Пакстон.
Дополнително, America PAC потрошил повеќе од 47 милиони долари во изборната битка против Таларико. Според пресметката на „Њујорк тајмс“, вкупната финансиска поддршка на Маск насочена кон изборите во Тексас достигнала околу 224 милиони долари.
И покрај тоа, Таларико победи, со што демократите освоија сенаторско место во Тексас првпат по повеќе од три децении.
Маск не успеа да ја постигне целта ниту со пошироката финансиска офанзива за задржување на републиканското мнозинство. Кандидатите што ги поддржуваа неговите политички комитети претрпеа важни порази во Тексас, Охајо и Мејн, иако дел од поддржаните кандидати победија во други изборни трки.
Уште посериозен сигнал за неговите деловни интереси е поразот на републиканскиот гувернер на Тексас, Грег Абот, од демократката Џина Инохоса.
Токму Абот и досегашната републиканска администрација во Тексас со години обезбедуваа поволна политичка и регулаторна средина за ширењето на бизнисите на Маск.
Tesla ја премести својата корпоративна централа во Тексас, SpaceX ги развива своите активности во Starbase, а Маск значително ги проширува инвестициите во технолошка инфраструктура во оваа сојузна држава.
Инохоса, пак, во изборната кампања се залагаше за ограничување на изградбата на нови центри за обработка на податоци додека не се воспостават појасни правила за нивната потрошувачка на електрична енергија и вода.
За бизнисите поврзани со вештачката интелигенција, кои бараат огромни количини електрична енергија и значителна инфраструктура, тоа може да претставува дополнителен трошок и ризик од одложување на инвестициите.
Токму поради тоа, политичката промена во Тексас може да има подиректно влијание врз дел од плановите на Маск отколку самиот губиток на републиканското мнозинство во Вашингтон.
Но, најголемиот ризик на федерално ниво е поврзан со неговиот однос со државата.
Во последните години бизнис-империјата на Маск стана значаен партнер на американските институции. SpaceX добива големи договори од НАСА и Пентагон, Starlink учествува во обезбедувањето сателитски комуникации, а производите за вештачка интелигенција на Маск добиваат пристап до нови сегменти на државниот пазар.
Според извештајот на организацијата Democracy Defenders Fund, објавен на 30 октомври, во период од 17 месеци по заминувањето на Маск од неговата функција во администрацијата на Трамп, неговите компании добиле најмалку десет милијарди долари нови државни договори и грантови.
Организацијата, која се занимава со спречување злоупотреба на власта и конфликт на интереси, тврди дека повеќе федерални институции донеле одлуки што биле поволни за компаниите на Маск.
Со републиканско мнозинство во двата дома, администрацијата на Трамп имаше значително поголема можност да ги спроведува своите законски приоритети во областа на вештачката интелигенција, одбраната, вселенската индустрија и регулаторните олеснувања.
Задржувањето на таквото мнозинство ќе значеше и помала веројатност за конгресни истраги иницирани од демократите за конфликт на интереси поврзан со Маск и неговите компании.
ДЕМОКРАТИТЕ НАЈАВУВААТ ПРЕИСПИТУВАЊЕ НА ПРИВИЛЕГИРАНИОТ СТАТУС НА МАСК СО ФЕДЕРАЛНИТЕ ИНСТИТУЦИИ
Демократите најавуваат дека ќе ги преиспитаат односите на Маск со федералните институции, договорите што неговите компании ги добивале од државата и активностите што ги спроведувал додека ја предводеше иницијативата DOGE за намалување на државните расходи и реорганизација на федералната администрација.
Конгресните комисии ќе добијат можност да бараат документација, да организираат сослушувања и да ги повикуваат претставниците на компаниите да одговараат на прашања за договорите и евентуалните конфликти на интереси.
За SpaceX и Starlink ова може да значи дополнителен надзор врз склучувањето на државните договори, конкуренцијата и зависноста на американските институции од услугите на компаниите на Маск.
Кај Tesla, потенцијалните прашања се поврзани со автономното возење, безбедноста на роботакси-услугите и соодветната регулаторна контрола.
За xAI и платформата X, во фокусот би можеле да се најдат правилата за вештачката интелигенција, заштитата на податоците и односот меѓу технолошките платформи и државните институции.
Сепак, демократското мнозинство не значи дека постојните договори автоматски ќе бидат раскинати или дека компаниите ќе останат без државни приходи.
SpaceX има значајна технолошка и пазарна позиција, а дел од неговите услуги се важни за американските вселенски и безбедносни програми. Дополнително, Трамп и натаму го контролира извршниот дел на федералната власт и има можност да стави вето на нови закони.
Затоа главната промена за Маск најверојатно ќе биде поголемата регулаторна и политичка неизвесност, наместо непосредна загуба на сите деловни поволности.
По поразот, Маск на X објави иронична забелешка дека центрите за податоци во вселената почнуваат да изгледаат привлечни. Истовремено, сподели предупредувања дека конгресните истраги би можеле да го забават напредокот на SpaceX.
МИЛИЈАРДЕРИТЕ ВЛОЖИЈА МИЛИЈАРДИ ВО ПОБЕДА НА РЕПУБЛИКАНЦИТЕ – И ЗАГУБИЈА
Но, Маск е само највидливиот претставник на поширокото приближување меѓу американскиот технолошки капитал и Републиканската партија.
Според анализата на „Гардијан“, четириесетте најголеми донатори до средината на октомври вложиле околу 2,4 милијарди долари во изборниот циклус, а средствата насочени кон републиканците биле приближно трипати поголеми од оние за демократите во таа група. Но, резултатите покажаа дека финансиската надмоќ не гарантира изборна победа.
Марк Андерсен и Бен Хоровиц, основачите на инвестициската компанија Andreessen Horowitz, исто така беа меѓу најголемите финансиери на изборниот циклус.
Според анализата на „Вашингтон пост“, нивните пријавени големи политички донации и донации преку поврзани структури достигнале околу 92 милиони долари до средината на октомври.
Од нив, околу 50 милиони биле насочени кон организацијата Leading the Future, која поддржува кандидати што се залагаат за поповолна национална регулаторна рамка за вештачката интелигенција. Дополнителни средства биле вложени во политички комитети поврзани со криптовалутите, како и во MAGA Inc., кој го поддржува Трамп.
Андрисен и Хоровиц имаат инвестиции во технолошки стартапи, криптовалути, одбранбена технологија и вештачка интелигенција.
Особено важно за нив е создавањето единствена федерална регулатива за вештачката интелигенција, наместо различни правила во секоја сојузна држава. Со демократското мнозинство ваквите планови стануваат предмет на нови преговори.
Меѓу големите технолошки донатори се и Грег Брокман, претседател и коосновач на OpenAI, и неговата сопруга Ана.
Тие донирале вкупно 50 милиони долари, од кои 25 милиони за MAGA Inc., а дополнителни 25 милиони за Leading the Future.
Овие донации се особено интересни бидејќи покажуваат дека борбата за идните правила на вештачката интелигенција станала една од централните теми во финансирањето на американската политика.
Инвеститорите во AI имаат интерес федералната влада да обезбеди предвидливи правила за развојот на моделите, употребата на податоци, безбедносните стандарди и изградбата на инфраструктурата.
Тоа не значи дека сите технолошки компании се против регулација. Дел од нив се залагаат за единствен федерален систем наместо различни и потенцијално спротивставени правила на ниво на сојузните држави.
Значајни донатори беа и браќата Камерон и Тајлер Винклвос, основачи на криптовалутната берза Gemini.
Според податоците собрани од „Вашингтон пост“, нивните донации достигнале околу 55 милиони долари, вклучувајќи средства за политички комитети што поддржуваат развој на криптоиндустријата и за организации блиски до Трамп.
За криптовалутните компании, политичкиот интерес е поврзан со правилата за тргување со дигитални средства, надзорот на берзите, третманот на криптовалутите и можноста за развој на нови финансиски производи.
Во поширокиот круг на големи донатори се наоѓа и Џеф Јас, основач на трговската компанија Susquehanna International Group и инвеститор поврзан со технолошкиот сектор.
Заедно со сопругата Џанин, тој донирал околу 110 милиони долари на републикански ориентирани политички организации, при што значителен дел од средствата биле насочени кон образовни политики и економски конзервативни кандидати.
Дел од неговите донации оделе и за поддршка на Вивек Рамасвами во изборната трка за гувернер на Охајо, која заврши со победа на демократката Ејми Актон.
Ваквите примери покажуваат дека политичките инвестиции на богатите донатори не секогаш ги постигнуваат очекуваните изборни резултати.
Иако технолошкиот капитал беше силно присутен на републиканската страна, индустријата не настапуваше единствено. Дел од технолошките инвеститори и основачи, меѓу кои и коосновачот на LinkedIn, Рид Хофман, финансиски ги поддржуваа демократите.
Вкупните трошоци за изборниот циклус, според проценките на OpenSecrets, се искачиле на рекордни 11,9 милијарди долари.
(Фото: карикатура, DonkeyHotey, Flickr)
Аналитика








