ПОВЕЌЕ

    Тројцата администратори од Народната банка имаат 21 ден да ја утврдат состојбата во Алта банка

    Време зa читање: 2 минути

    Управувањето со Алта банка АД Битола во наредниот период е во рацете на тројца администратори назначени од Народната банка. Илија Андовски, Весна Стојчевска и Марија Тодоровска се лицата што треба да ја утврдат фактичката состојба во банката, да го контролираат нејзиното работење и да подготват терен за следниот чекор – стабилизација, промена на сопственоста или друго решение што ќе го утврди централната банка.

    Со решението на Извршниот одбор на Народната банка од 1 ноември 2026 година, администраторите ги преземаат клучните овластувања што дотогаш ги имале Управниот одбор, Надзорниот одбор и Собранието на акционери. Исклучок е одлучувањето за зголемување на капиталот.

    Иако тројцата имаат еднакви овластувања, Илија Андовски е определен да ги потпишува одлуките донесени во рамките на администрацијата. Тој е долгогодишен кадар на Народната банка и според претходно објавени податоци бил директор на Дирекцијата за вонтеренска супервизија и лиценцирање.

    Првата голема задача на администраторите е во рок од 21 ден да ја утврдат состојбата во Алта банка Битола и за тоа да го известат Извршниот одбор на Народната банка. За таа цел тие имаат пристап до деловните простории, имотот, деловните книги, договорите и останатата документација. Поранешните органи на управување и другите одговорни лица во банката се должни да им ги стават на располагање сите податоци и информации што ќе им бидат побарани.

    Администрацијата може да трае најмногу три месеци, сметано од доставувањето на решението до банката.

    Во тој период под нивна контрола се и плаќањата поврзани со редовното функционирање на банката, вклучително и административните и оперативните трошоци.

    Во тие рамки, за клиентите е воведен времен режим на користење на средствата. Граѓаните можат да располагаат со износ до 10.000 денари неделно преку платежните картички на банката. Ограничувањето се однесува на календарска седмица, а во него влегуваат и плаќањата во продавници и плаќањето сметки. Интерните трансакции меѓу сметки во рамките на Алта банка Битола се дозволени без ограничување на износот.

    Гувернерот Трајко Славески најави и посебен режим за пензионерите без платежни картички, преку кој би можеле да подигаат до 20.000 денари на посебни шалтери.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично