ПОВЕЌЕ

    АЛТА банка Битола ликвидна и капитализирана – стратегијата на Народната банка клучна за заштита на штедачите

    Време зa читање: 3 минути

    И покрај неизвесноста што се создаде околу АЛТА банка АД Битола, финансиските показатели откриваат значително поинаква слика од впечатокот што се создава во јавноста. Банката располага со значителни ликвидни средства и солидна капитална основа, што претставува важен предуслов за успешно надминување на актуелната состојба.

    Според јавно достапните финансиски податоци заклучно со 30 септември 2026  година, АЛТА банка АД Битола располагала со над 80 милиони евра во парични средства и вложувања во хартии од вредност. Учеството на ликвидната актива во вкупната актива изнесувало 43,91 процент, додека покриеноста на депозитите на домаќинствата со ликвидна актива достигнувала 62,15 проценти. Истовремено, стапката на адекватност на капиталот изнесувала 25,11 проценти. Станува збор за високи финансиски показатели, кои ја издвојуваат банката по ликвидноста и капиталната позиција во домашниот банкарски сектор.

    Ваквата финансиска позиција ја потврди и Народната банка, од каде што беше нагласено дека АЛТА банка Битола е ликвидна, високо капитализирана, со солиден квалитет на кредитното портфолио и дека ги исполнува супервизорските стандарди. Тоа е особено важен податок бидејќи причините за воведувањето на привремената администрација не произлегуваат од утврдена неликвидност на македонската банка, туку од случувањата поврзани со нејзиниот акционер во Србија.

    Во вакви околности, клучно значење ќе има стратегијата на Народната банка и начинот на кој ќе се управува со процесот во следниот период. Постојната финансиска основа, во комбинација со непосредниот регулаторен надзор, создава поволни предуслови за контролирано стабилизирање на состојбата и изнаоѓање најдобро можно решение за банката и нејзините депоненти.

    Од финансиски аспект, важно е да се направи разлика меѓу банка што се соочува со недостиг на ликвидни средства и банка кај која се воведуваат превентивни ограничувања поради надворешни околности. Токму оваа разлика е суштинска за правилно разбирање на случувањата со АЛТА банка Битола.

    Иако привремените ограничувања создаваат разбирлива неизвесност кај клиентите, нивната основна цел е да се спречи неконтролиран одлив на средства и да се зачува финансиската стабилност до разрешување на сопственичкото прашање. Ограничениот пристап до средствата, сам по себе, не значи дека банката не располага со ликвидност.

    АЛТА банка АД Битола не е во стечај и не ѝ е одземена дозволата за работа. Во вакви околности, постојат основи за позитивно разрешување на состојбата, при што пресудна ќе биде улогата на Народната банка во внимателното управување со процесот. Крајната цел останува зачувување на стабилноста на банката и заштита на средствата на штедачите, во чиј интерес се насочени и преземените привремени мерки.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично