
Изминатите месеци еврото постепено губи од својата вредност во однос на американскиот долар. Од почетокот на годината падот изнесува околу 5 насто, а во првите денови од октомври курсот беше околу 1,12 долари за едно евро, што е најниско ниво од јануари 2025 година (референтни курсеви на ЕЦБ). За Македонија, чиј денар е врзан за еврото, ова на прв поглед не би требало да има големо значење. Според податоците на Народната банка, во долари се фактурираат само околу 6 насто од извозот и 10 насто од увозот на стоки, додека долгот во долари е 7,1 насто од бруто-надворешниот долг. Директните ефекти се навистина мали. На пример, граѓанин што има кредит во евра или денарски кредит врзан за ЕУРИБОР не плаќа повисока рата, а фирма што продава и купува во рамките на еврозоната не чувствува разлика. Но, тоа не значи дека ослабеното евро не нè засега. Тоа стигнува до нас посредно, преку цената на енергијата, преку државниот буџет и преку каматите, и на крај го плаќаат граѓаните и фирмите.
Прв ефект: поскапа енергија
И покрај тоа што само една десеттина од македонскиот увоз се плаќа во долари, доларот влијае врз цените во земјата многу повеќе отколку што покажува таа бројка. Нафтата и нафтените деривати на светските пазари се купуваат и продаваат во долари, па нивната цена се одредува во долари, а не во евра. Дури и кога македонскиот увозник договорот го склучува и го плаќа во евра, продавачот ја пресметува цената во евра според цената во долари и тековниот курс. Затоа, кога еврото ослабува, истата количина нафта во евра чини повеќе.
Тоа се гледа и во бројките: кон крајот на октомври 2025 година еден барел нафта Брент чинеше 64,7 долари (Reuters), а за едно евро се добиваа 1,166 долари (референтен курс на ЕЦБ). Тоа е околу 55,5 евра за барел. Кон крајот на октомври 2026 година барелот чинеше околу 115 долари, а еврото вредеше околу 1,122 долари (Reuters, 26.10.2026), или околу 102,5 евра за барел. Во долари нафтата поскапе за околу 78 насто, а во евра за околу 85 насто. Ако еврото го задржеше ланскиот курс, барелот денес би чинел околу 98,7 евра. Слабото евро значи околу 3,8 евра повеќе по барел, или околу 4 насто повисока цена, над поскапувањето што и онака доаѓа од светскиот пазар.
Ова не е голем дел од вкупното поскапување, но се додава во година кога енергијата и без тоа е многу скапа. Од горивото поскапувањето се пренесува на транспортот, а потоа на цената на храната и на услугите.
Втор ефект: притисок врз државниот буџет
Поскапата енергија не се одразува само врз цените што ги плаќаат граѓаните и фирмите, туку и врз државниот буџет. Дел од тој трошок не го плаќаат директно потрошувачите, туку го презема државата. Оваа година, со цел да се ограничи растот на цените на горивата, беше намалена акцизата, данокот што е вграден во цената на секој литар. Според Министерството за финансии, пониските приходи од акцизите се главната причина за вториот ребаланс на буџетот. Колку повеќе слабее еврото, толку е повисока цената на горивото во денари, а со тоа и потребата од ваква мерка. Според вториот ребаланс, дефицитот за годината е планиран на 4,1 насто од БДП, капиталните расходи се коригирани од 46,5 на 40,1 милијарда денари, а јавниот долг на крајот од јуни изнесуваше 58,8 насто од БДП (Министерство за финансии, Фискален совет).
Кога приходите се пониски од планираните, дел од разликата обично се покрива со задолжување. Во исто време, позајмувањето е поскапо отколку пред неколку години. Репер за каматите на светските пазари се американските државни обврзници, бидејќи се сметаат за најсигурни. Нивниот десетгодишен принос е близу 5 насто (Kiplinger, 27.10.2026), а од државите со понизок кредитен рејтинг инвеститорите обично бараат повисока камата. Така, слабото евро не ги поскапува директно кредитите на граѓаните, но преку буџетот може посредно да ги зголеми трошоците на државата за задолжување. Повисоките трошоци за камати значат помалку средства во буџетот за други намени.
Трет ефект: притисок врз каматите
Третиот ефект е поврзан со причините поради кои еврото ја губи вредноста. Една од нив е умерениот раст на економијата на еврозоната. ЕЦБ очекува раст од 0,9 насто оваа година, а инфлацијата е над 3 насто, при цел од 2 насто (проекции на ЕЦБ, септември 2026). Покрај растот, врз курсот влијае и разликата во каматите меѓу двете најголеми економии. Основната камата на ЕЦБ е 2,50 насто, а на Федералните резерви на САД меѓу 3,75 насто и 4,00 насто. Бидејќи парите во долари носат повисока камата, инвеститорите ги префрлаат средствата кон доларот, па доларот јакне, а еврото слабее.
Во таква состојба, секоја одлука на ЕЦБ има и предности и трошоци. Ако ги зголеми каматите, разликата со САД би се намалила и еврото би можело да зајакне, а инфлацијата да забави. Но, повисоките камати ги поскапуваат кредитите. На седницата на 29 октомври ЕЦБ ги задржа каматите на постојното ниво, но наведе дека растот на цените на енергијата е ризик за повисока инфлација (соопштение на ЕЦБ, 29.10.2026). Пазарите и повеќето економисти очекуваат ново покачување во декември, иако тоа не е сигурно (Reuters, октомври 2026). Ако тоа се случи, првиот ефект ќе биде во еврозоната. Во Македонија кредитите врзани за ЕУРИБОР би поскапеле при следната промена на каматата, обично по неколку месеци. Народната банка, пак, своите одлуки ги носи самостојно, но поради фиксниот курс на денарот најчесто ја следи насоката на ЕЦБ. Така истиот проблем, високите цени на енергијата, може да стигне до граѓаните двапати: еднаш преку поскапото гориво и уште еднаш преку поскапите кредити. На пример, за станбен кредит од 50.000 евра на 20 години, покачување на каматата од 0,25 процентни поени ја зголемува месечната рата за околу 6-7 евра.
Што значи ова за државата, фирмите и граѓаните?
За државата, слабото евро значи дека трошоците за енергија може да останат високи подолго време. Кога се планира Буџетот за 2027 година, би било корисно да се тргне од претпоставка дека цената на горивата нема брзо да се врати на претходното ниво. Во таков случај, од помош би била проценка колку чини одржувањето на намалените акцизи на подолг рок и колкав простор останува за инвестиции.
За фирмите, особено превозниците и производителите што трошат многу енергија, корисно е да проверат колку од нивните трошоци зависат од доларот, иако фактурите се во евра. Фирмите што извезуваат во долари, а такви се мал број, оваа година добиваат повеќе денари за ист производ. Пред една година еден долар вредеше околу 52,8 денари, а сега околу 54,8 денари. За стока продадена во вредност од 10.000 долари тоа значи околу 20.000 денари повеќе.
За граѓаните, пак, кредитите во евра и во денари не поскапуваат поради курсот. Поважно е дали кредитот е со фиксна или со променлива камата и што ќе одлучи ЕЦБ во наредните месеци.
Од сето ова произлегува дека стабилниот курс на денарот кон еврото обезбедува сигурност за кредитите и за поголемиот дел од трговијата, но не ја изолира економијата од промените на курсот евро : долар. Пониската вредност на еврото во однос на доларот влијае врз нас посредно, преку цената на енергијата, преку буџетот и преку каматите. Колку ќе се почувствува, зависи најмногу од тоа колку долго ќе трае. Кратката промена на курсот обично поминува без поголеми последици, бидејќи фирмите и државата можат привремено да ја поднесат. Ако курсот остане на ова ниво подолго, ефектите постепено може да се почувствуваат и во цените, и во јавните финансии, и во ратите на кредитите.
Пишува: Проф. д-р Весна Георгиева Свртинов – универзитетски професор
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска
Аналитика








