Се повлекува ли Европа од својата амбициозна цел за забрана за продажба на мотори со внатрешно согорување до 2035 година? Двете најголеми индустриски сили на ЕУ, Германија и Франција штотуку се договорија за заеднички став со кој дополнително би се ублажил планот на Европската унија за постепено укинување на новите автомобили на бензин и дизел од 2035 година. Ова би се случило во замена за построги правила од типот „Произведено во Европа“ (Made in Europe) кои се однесуваат на јавната поддршка за автомобилскиот сектор.
Заедничкиот документ, насловен „Обезбедување на иднината на европската автомобилска индустрија“, беше објавен на 16 октомври.
Според сегашното законодавство на ЕУ, производителите на автомобили мора до 2035 година да ги намалат просечните емисии на CO2 кај новите патнички возила за 100 отсто во споредба со нивоата од 2021 година, што практично значи крај на продажбата на нови возила со конвенционални мотори со внатрешно согорување. Производителите што нема да ја исполнат целта за својата флота на возила се соочуваат со казна од 95 евра за секој грам вишок CO2 кај секој продаден нов автомобил.
Во декември 2025 година, Европската комисија предложи оваа цел да се намали на 90 отсто, при што преостанатите 10 отсто би се компензирале преку мерки како што се користење европски челик со ниска емисија на јаглерод, е-горива или биогорива.
Според документот со ставови, за кој први известија германските медиуми, германскиот канцелар Фридрих Мерц и францускиот претседател Емануел Макрон се согласиле дека намалувањето предвидено за 2035 година треба да биде ограничено на 90 отсто, без обврска за компензирање на преостанатите 10 отсто.
Со дополнителна флексибилност за алтернативни горива, реалното барање би можело да се намали на околу 80 отсто. Двете земји, исто така, бараат поголема флексибилност во однос на меѓуцелите, како и воведување нова категорија за возила што користат исклучиво обновливи горива. Во документот се наведува дека зголемената употреба на обновливи горива во постоечкиот возен парк треба да се смета како придонес кон исполнување на целта.
На пример, задолжителните квоти за електрични возила во комерцијалните возни паркови би се претвориле во необавезувачки национални цели.
За возврат, Германија би поддржала построги критериуми за подобност, со кои државната помош и јавните набавки во автомобилскиот сектор би се ограничиле главно на возила произведени во ЕУ (со можно вклучување и на Обединетото Кралство), при што компонентите би морале да имаат најмалку 70 отсто европско потекло. Ова ограничување би важело од 2028 година за премиите при купување, субвенциите за лизинг и јавните набавки, а вклучувањето на Обединетото Кралство би зависело од тоа дали Лондон ќе ги усогласи своите царини за кинеските електрични автомобили со оние на ЕУ.
Предлогот овозможува продолжување на продажбата на возила со мотори со внатрешно согорување, под услов да се исполни целта за просечна емисија на возниот парк од околу 11 грама CO2 по километар.
На 16 октомври, Мерц на платформата X изјави дека ова е „добар ден за возачите и за работните места во Германија, Франција и Европа“. „Емануел Макрон и јас се договоривме за пакет што вклучува слобода на избор, технолошка отвореност и почитување на климатските цели. Ова е сигнал за инвестиции кон индустријата.“
Усвојувањето на текстот беше одложено за два дена поради отпорот во рамките на германската коалиција, каде што министрите од Социјалдемократската партија (СПД), Карстен Шнајдер и Ларс Клингбајл, инсистираа на цел од 95 отсто. Клингбајл подоцна го поздрави исходот, изјавувајќи: „Донесовме правилни одлуки за стотиците илјади вработени“.
Франција претходно се спротивставуваше на проширувањето на предлогот на Комисијата, додека Германија долго време бараше поголема флексибилност за својата автомобилска индустрија.
Се очекува договорот меѓу двете најголеми економии во ЕУ да обезбеди мнозинство во Советот на Европската унија, што би можело да доведе до утврдување на заеднички став уште во декември.
Предлозите сè уште се предмет на преговори со Европскиот парламент и другите земји-членки, каде што ставовите на политичките групи остануваат значително спротивставени. Првичната ревизија на Комисијата сè уште е предмет на дискусија и во Советот и во Парламентот.
Сузане Гец, експерт за мобилност во германскиот огранок на Европската федерација за транспорт и животна средина (T&E), изјави дека Германија и Франција „прават историска грешка“.
Од T&E тврдат дека договорот е, пред сè, отстапка кон производителите на автомобили и дека може да го попречи развојот на достапни електрични возила, како и неопходните инвестиции во синџирите на снабдување за е-мобилност, што потенцијално би можело да доведе до пад на европската автомобилска индустрија.
Иницијативата на двете водечки земји во ЕУ дојде еден ден откако „Тесла“ (Tesla) во САД го претстави новиот модел „Роудстер“ (Roadster), опремен со потисни мотори за кои Илон Маск изјави дека му овозможуваат „практично да лета како ракета“.
Аналитика








