ПОВЕЌЕ

    Славески: Со евтина работна сила не се стигнува до европски стандард

    Време зa читање: 2 минути

    Евтината работна сила и привлекувањето странски инвестиции веќе не се доволни за побрз економски развој. На Македонија и на земјите од Западен Балкан им е потребен нов модел на раст, заснован врз поголема продуктивност, современи технологии, знаење и производство со повисока додадена вредност. Ова е клучната порака на гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, од настанот на Меѓународниот монетарен фонд, посветен на економските перспективи на Европа.

    Потребата од промени ја потврдува и податокот дека продуктивноста во Западен Балкан изнесува само околу половина од нивото во Европската Унија. Според Славески, нејзиното зголемување е основен предуслов за побрзо приближување кон европскиот животен стандард.

    „Забрзувањето на економската конвергенција не може да се потпира само врз капиталот и зголемувањето на вработеноста, туку бара сеопфатен реформски план насочен кон повисока продуктивност“, истакна гувернерот.

    Тој нагласи дека регионот мора повеќе да вложува во иновации, дигитализација и образование, но и да обезбеди посилни институции, владеење на правото и подобри услови за водење бизнис.

    Особено важен е квалитетот на странските инвестиции. Наместо тие да се вреднуваат првенствено според вложениот капитал и бројот на нови работни места, потребно е да создаваат поголема додадена вредност, да ја зголемуваат продуктивноста и да овозможат посилно вклучување на домашните компании во меѓународните производствени синџири.

    Како сериозни ограничувања за економскиот раст Славески ги посочи иселувањето, недостигот од квалификувани работници и неусогласеноста меѓу образованието и потребите на компаниите. Дополнителен неискористен потенцијал претставуваат ниската активност на жените на пазарот на трудот и невработеноста кај младите.

    Побрз развој, според гувернерот, може да донесе и подлабоката интеграција со европскиот пазар, преку која компаниите би добиле повеќе можности за проширување, специјализација и привлекување инвестиции. Во таа насока, го истакна значењето на Планот за раст на ЕУ и постепеното вклучување во единствениот европски пазар.

    На настанот, одржан во рамките на Годишните средби на ММФ и Светската банка, Славески се осврна и на инфлацијата, која, како што наведе, изнесува 2,6 проценти. Тој оцени дека преземените монетарни и макропрудентни мерки придонеле за стабилизирање на девизниот пазар и намалување на инфлациските притисоци, но предупреди дека глобалната неизвесност бара понатамошна претпазливост при носењето одлуки за монетарната политика.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично