ПОВЕЌЕ

    ПОМАЛ КРЕДИТЕН ТОВАР И ПОКРАТКИ РОКОВИ ЗА ОТПЛАТА – нови правила за задолжување на граѓаните

    Време зa читање: 3 минути

    Се стеснува просторот за прекумерно задолжување на граѓаните. Од први декември банките ќе бидат повнимателни по прашањето – колкав месечен кредитен товар во однос на приходите можат да му дозволат на потенцијалниот кредитокорисник. Причина за тоа е намалувањето на максималниот дозволен ДСТИ или конкретно – односот меѓу месечните отплати на кредитите и приходите на кредитокорисникот. Исклучок се кредитите што се одобруваат за прво купување сопствено живеалиште, па во тој сегмент нема заострување на ограничувањата.

    Исто така, се крати и максималниот рок на отплата на одредени видови кредити. Станбените кредити, од актуелните 30, ќе можат да се отплаќаат најмногу 25 години. За хипотекарните потрошувачки кредити, отплатата се намалува од сегашните 20 на 15 години. И овде нема промена кај кредитите за прво купување сопствено живеалиште и тој останува 30 години.

    Сето ова произлегува од одлуката за измени и дополнувања на макропрудентните мерки за квалитетот на кредитната побарувачка од физичките лица, што ја донесе Извршниот одбор на Народната банка.

    „Со измените, максималната вредност на показателот ДСТИ се намалува за 5 процентни поени – од 50% на 45% за кредитите во денари и од 45% на 40% за кредитите со валутна компонента. ДСТИ покажува колкав дел од месечниот приход може да се користи за отплата на кредитите. За кредитите за прво купување сопствено живеалиште лимитите остануваат непроменети – 50% и 45%, соодветно“, информираат од Народната банка.

    Во практиката, тоа ќе значи – ако граѓанинот има месечен приход од 60.000 денари, според новите правила, вкупните месечни кредитни обврски кај денарски кредит би можеле да изнесуваат најмногу 27.000 денари, наместо досегашните 30.000 денари. Кај кредит со валутна компонента, лимитот би бил 24.000 денари, наместо 27.000 денари.

    Целта е превентивно, во услови на здрав и стабилен банкарски систем, да се ограничат ризиците од прекумерно задолжување на домаќинствата и да се придонесе за одржливо кредитирање и финансиска стабилност, велат од НБРСМ.

    „Измените се донесуваат во услови на здрав и стабилен банкарски систем, без присутни системски ризици, при што квалитетот на кредитното портфолио на физичките лица и понатаму се подобрува. Истовремено, кредитната активност кон физичките лица продолжува да расте. Во првото полугодие од 2026 година, годишниот раст на кредитите на физичките лица достигна 12,2%, наспроти 11,2% во 2025 година. Највисок раст е забележан кај станбените кредити, од 16,6%“, наведено е во соопштението упатено до јавноста.

    На крајот од јуни, вкупната кредитна задолженост кај банките изнесувала 9,6 милијарди евра. Од нив, 4,8 милијарди евра бил долг на домаќинствата. Последните податоци, пак, се за август. Во осмиот месец кредитната изложеност е речиси 10 милијарди евра, поточно 9,75 милијарди евра. Уделот на населението е во износ од 4,86 милијарди евра.

    Макропрудентни мерки Народната банка првпат ги воведе во јули 2023 година, а нивната поставеност дополнително се зајакна од декември 2025 година.

    „Досегашните податоци покажуваат подобрување на структурата на новото кредитирање, со намалување на кредитирањето на домаќинствата со повисок должнички товар. Оттука, дополнителното воведување мерки има превентивен карактер и е насочено кон навремено ограничување на потенцијалните ризици од прекумерно задолжување, пред да се остварат.

    Со мерките се задржува и поповолниот регулаторен третман за граѓаните кои првпат купуваат сопствено живеалиште, имајќи ја предвид специфичната намена на овие кредити“, нагласуваат од Народната банка.

    М.А.

    (Илустрација генерирана со вештачка интелигенција)

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично