ПОВЕЌЕ

    НА УДАР НАЈРАНЛИВИОТ ДЕЛ ОД СВЕТСКАТА ПОПУЛАЦИЈА: Цените на храната го достигнаа највисокото ниво од 2022 година

    Време зa читање: 3 минути

    Светските цени на храната во септември 2026 година се искачија на највисокото ниво во речиси четири години. Индексот на цените на храната на Организацијата за храна и земјоделство на ОН (ФАО) изнесуваше 136 поени, во споредба со ревидираните 134 поени во август, што претставува највисоко ниво од ноември 2022 година, пренесува NDTV World.

    ФАО истакна дека пазарите на земјоделски производи биле погодени од логистички пречки и загриженост поради временските услови. Во септември, индикативните цени за житарките, шеќерот и растителните масла пораснаа, додека цените на месото и млечните производи опаднаа.

    Загриженоста поради силниот временски феномен „Ел Нињо“ ги подигна меѓународните цени на шеќерот на највисоко ниво во последните 18 месеци. Истовремено, намалувањето на трговијата во регионот на Црното Море поради војната, на почетокот на минатиот месец, ги подигна фјучерс-цените на пченицата на највисоко ниво во последните три години.

    Главниот економист на ФАО, Максимо Тореро, изјави дека пречките во Ормускиот теснец и во Црното Море, заедно со климатските шокови, вршат притисок врз енергетиката, транспортот и клучните прехранбени производи. Според него, доколку овие фактори продолжат, тие би можеле да се одразат врз потрошувачките цени, првенствено во земјите што зависат од увоз на храна и енергија.

    ФАО речиси и да не направи промени во својата прогноза за глобалното производство на житарици во 2026 година, задржувајќи ја на ниво од 2,979 милијарди тони. Ова е за 2,1% помалку од рекордното ниво од претходната година, но сепак претставува втора најголема жетва досега. Организацијата, исто така, ја намали прогнозата за глобалната трговија со житарици во сезоната 2026/27 година за 0,7% поради помалите очекувања за извоз на пченица и пченка, делумно и поради ограничувањата во поморскиот сообраќај во Црното Море.

    Организацијата за храна и земјоделство, исто така, предупреди дека, доколку сегашните притисоци продолжат, тие би можеле да придонесат за сериозна глобална криза со цените на храната во наредните месеци. Притоа, ФАО упати посебно предупредување дека женската популација веројатно ќе го сноси товарот на овој шок. Тие веќе се соочуваат со повисоки нивоа на несигурност во храната, имаат помал пристап до сигурна работа, приход, земјиште, кредити и финансиски услуги и носат поголем дел од неплатената работа за нега.

    Доказите од претходните кризи покажуваат дека економските шокови ги прошируваат овие нееднаквости, како во рамките на домаќинствата, така и низ општествата. Кога храната станува помалку прифатлива, жените може да јадат помалку или да јадат последна, да преминат на поевтина и помалку хранлива исхрана или да поминат повеќе време во наоѓање и подготовка на храна.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично