ПОВЕЌЕ

    Преобразба на Жито Полог Тетово – од АД преминува во ДОО формат

    Време зa читање: 3 минути

    Од акционерско, тетовски Жито Полог се трансформира во друштво со ограничена одговорност. По завршувањето на формалностите што ги налага процесот на преобразба, официјалниот назив на компанијата ќе биде Друштво за производство на мелнички, пекарски и други производи и промет на мало и големо Жито Полог ДОО Тетово. Одлуката е верификувана на акционерското Собрание одржано на последниот ден од септември. Поради тоа, а со цел да се обрне внимание на инвеститорската јавност, компанијата е внесена на „Листата за набљудување“ што се објавува на веб-страницата на Македонска берза.

    Постојните акционери, според усвоената одлука, треба да се изјаснат дали имаат намера да учествуваат како содружници и во друштвото со нов формат. Одборот на директори има обврска да објави јавен повик до акционерите кои не присуствувале на Собранието, да дадат изјави дали се согласуваат да преземат удели во друштвото што ќе настане со преобразбата.

    Акционерите, пак, кои имаат негативен став по ова прашање, ќе имаат можност да ги продадат уделите „според цена соодветна на усвоениот биланс на состојба утврден во одлуката за преобразба на друштво (понудена цена)“. Исто така, тие „не можат да имаат други барања од имотот на друштвото што настанува со преобразбата, врз основа на преобразбата“.

    Преобразбата доаѓа по промените што во последниве неколку години се случија во сопственичката структура на Жито Полог. Во август 2023 година рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко ги продаде своите 11.119 акции, односно уделот од 19,86 отсто, а во 2024 година Орка Холдинг доби дозвола од КХВ за понуда за преземање на 27.596 акции по цена од 2.266 денари за акција.

    Во поглед на уредувањето на компанијата како ДОО, во одлуката е посочено и дека составот и организацијата на раководното и надзорното тело подетално ќе се уредат со договорот за друштвото. А, во рок од 8 дена од уписот на трансформацијата во трговскиот регистар, ќе се достави налог до Централниот депозитар за хартии од вредност да ја затвори акционерската книга.

    На Собранието биле разрешени од должностите членовите на Одборот на директори. Досегашниот генерален извршен директор на АД Жито Полог, Сашо Босилков, е именуван за управител на друштвото со ограничена одговорност.

    Кај работењето на компанијата, од податоците во финансиските извештаи, може да се забележи дека загубите се нижат во континуитет. Во првото шестмесечје е забележан минус од 361,9 илјади евра, кој се надоврзува на тие 881,4 илјади евра од крајот на 2025 година. Освен тоа, Жито Полог има и кредитни обврски, кои во првото годинешно полугодие изнесуваат 1,90 милиони евра.

    Жито Полог има издадено 55.997 акции. Последната прикажана цена на акцијата е 3.000 денари, но во последните 52 недели не е регистрирана ниту една трансакција.

    Што се однесува до преобразбата, ДОО е една од најчестите форми на трговски друштва, основани од едно или повеќе лица. Располагаат со релативно мал капитал и законски ограничен број на содружници, најмногу 50.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично