Александра Митев, Сашо Дракуловски и Стефан Степаноски добија согласност од Комисијата за хартии од вредност за стекнување квалификувано учество во брокерската куќа Еурохаус АД Скопје. Митев може да стекне до 50 проценти од акциите со право на глас, а Дракуловски и Степаноски поединечно до 30 проценти.
„Со решенијата се одобрува Александра Митев да се стекне со акции чиј вкупен кумулативен износ не надминува 50 проценти од вкупно издадените акции со право на глас во друштвото, а Сашо Дракуловски и Стефан Степаноски поединечно да се стекнат со акции до 30 проценти од вкупно издадените акции со право на глас“, посочено е во информацијата на КХВ, објавена по одржувањето на 98. седница.
Со самото добивање на согласноста тече и рокот од 90 календарски дена за реализација на трансакциите за стекнување на акциите. „По истекот на овој рок за стекнување акции е потребна нова согласност од Комисијата“, велат од КХВ.
Митев, Дракуловски и Степаноски веќе се деловно поврзани преку Вега Фондови, каде што тројцата заедно го поседуваат целокупниот капитал: Митев има 50 проценти, а Дракуловски и Степаноски по 25 проценти.
Степаноски е извршен директор и извршен член на Одборот на директори на Еурохаус, а истовремено е неизвршен член на Одборот на директори на Вега Фондови.
Дракуловски е главен извршен директор на Вега Фондови. Во Еурохаус бил извршен директор од 2008 до 2018 година, а денес е претседател и неизвршен член на Одборот на директори.
Заклучно со 31 декември 2025 година, Еурохаус имал 201.000 обични акции и 11 акционери, сите домашни физички лица.
Аналитика








