ПОВЕЌЕ

    ЧЕТИРИ КОМПАНИИ ЗАРАБОТИЈА НАД 100 МИЛИЈАРДИ ДОЛАРИ: Ова се најпрофитабилните компании во светот

    Време зa читање: 4 минути

    Alphabet ја презеде титулата најпрофитабилна компанија во светот, Nvidia стигна до второто место, а четири американски технолошки гиганти остварија повеќе од 100 милијарди долари нето-добивка. Најновите податоци од Fortune Global 500 покажуваат колку силно профитот се концентрира во технолошкиот сектор.

    Светската корпоративна сцена доби нов лидер по профит. Alphabet, матичната компанија на Google, во 2025 година остварила нето-добивка од 132,17 милијарди долари, со што ја презеде првата позиција од Saudi Aramco.

    Според најновото издание на Fortune Global 500 за 2026 година, 500-те најголеми светски компании заедно оствариле околу 43,1 трилиони долари приходи и 3,4 трилиони долари профит. Вкупната добивка е зголемена за околу 14 проценти во однос на претходната година.

    На врвот по добивка сега доминира американската технологија. Alphabet, Nvidia, Apple и Microsoft се единствените четири компании со нето-добивка над 100 милијарди долари. Fortune наведува дека Alphabet го остварил вториот највисок годишен профит забележан во историјата на Global 500.

    Податоците на Fortune покажуваат дека Alphabet остварил 402,8 милијарди долари приходи и 132,2 милијарди долари добивка, додека Apple има 416,2 милијарди долари приходи и 112 милијарди долари профит. Saudi Aramco, кој претходно четири години беше најпрофитабилната компанија на листата, падна на петтото место со 92,8 милијарди долари добивка.

    НВИДИА – БЕЗМАЛКУ 56 ДОЛАРИ ПРОФИТ НА СЕКОИ 100 ДОЛАРИ ПРИХОД

    Посебно се издвојува Nvidia. Компанијата остварила околу 215,9 милијарди долари приход, но задржала неверојатни 120,1 милијарди долари нето-добивка. Тоа значи дека нејзината нето-профитна маржа е приближно 55,6 проценти.

    Практично, од секои 100 долари приход, повеќе од 55 долари завршуваат како нето-добивка.

    Nvidia е само втора по апсолутен профит, но според профитабилноста убедливо ги надминува останатите компании од Топ 10. Компанијата се искачи на 28. место на целокупната Fortune Global 500 листа според приходи, со профит од 120,07 милијарди долари.

    Втората највисока маржа во Топ 10 ја има TSMC – околу 44,6 проценти. Тајванскиот производител на полупроводници остварил 122,26 милијарди долари приходи и 54,49 милијарди долари нето-добивка.

    Следува Microsoft со маржа од околу 36,1 проценти, Alphabet со 32,8 проценти и Meta Platforms со 30,1 проценти. Meta остварила околу 201 милијарда долари приходи и 60,46 милијарди долари добивка.

    АМАЗОН – НАЈГОЛЕМ ПО ПРИХОДИ, НО НЕ И ПО ПРОФИТ

    Интересен контраст дава Amazon.

    Компанијата во 2026 година првпат го презеде првото место на Fortune Global 500 според приходи, со огромни 716,9 милијарди долари, со што го симна Walmart од врвот по 12 години. Но, со 77,67 милијарди долари нето-добивка, Amazon е само шестата најпрофитабилна компанија во светот.

    Неговата нето-маржа изнесува околу 10,8 проценти, што јасно покажува дека големината на приходите сама по себе не значи и најголема профитабилност.

    За споредба, Nvidia има речиси трипати помал приход од Amazon, но заработува околу 42 милијарди долари повеќе чист профит.

    ТЕХНОЛОГИЈАТА ГО ОКУПИРА ВРВОТ НА ЛИСТАТА

    Најсилната порака од годинашното рангирање е доминацијата на технолошкиот сектор.

    Од десетте најпрофитабилни компании, пет се директно поврзани со технологијата и полупроводниците – Alphabet, Nvidia, Apple, Microsoft и Meta, а тука е и TSMC како еден од најважните производители на чипови во светот.

    Fortune наведува дека 38 технолошки компании во Global 500 заедно оствариле околу 4 трилиони долари приходи, додека нивниот профит пораснал за 36 проценти, на приближно 835 милијарди долари.

    Само петте американски технолошки компании Alphabet, Apple, Microsoft, Nvidia и Meta заедно оствариле околу 527 милијарди долари нето-добивка.

    Тоа е дополнителна потврда дека тековниот инвестициски циклус поврзан со вештачката интелигенција, cloud инфраструктурата, дигиталното рекламирање и полупроводниците не создава само огромни приходи – туку и историски високи корпоративни профити.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично