
Европската Унија сака со јавните пари посилно да го поддржи производството во Европа, но меѓу најголемите економии веќе се отвори спор околу едно клучно прашање – што точно ќе се смета за „произведено во Европа“?
Прашањето не се однесува на секој производ што се продава во ЕУ. Во фокусот се стратешки индустрии како автомобилската, производството на челик, алуминиум и цемент, како и чистите технологии, меѓу кои батерии, соларна и ветерна опрема, водородни технологии и други производи важни за енергетската транзиција. Можно е правилата подоцна да се прошират и кон други енергетски интензивни индустрии, како хемиската.
Суштината е дека при јавни набавки, субвенции и други шеми финансирани со јавни средства предност би добивале производи што исполнуваат одредени услови за европско потекло и ниски емисии. Со тоа Брисел сака поголем дел од милијардите што државите ги трошат за автомобили, инфраструктура, енергетска опрема и зелена транзиција да се враќаат во европските фабрики и работни места.
Но, Франција и Германија различно гледаат на тоа каде треба да завршува таа европска предност.
Франција се залага за построг пристап, според кој јавните европски пари првенствено треба да го поттикнуваат производството во рамките на самата Европска Унија. Аргументот на Париз е дека ако целта е повторна индустријализација на Европа и намалување на зависноста од Кина и другите надворешни снабдувачи, тогаш правилата не треба да бидат толку широки што придобивките ќе се прелеваат надвор од ЕУ.
Германија, пак, предлага концепт наречен „Made with Europe“, односно производството да не мора целосно да биде ограничено на Унијата. Берлин сака во системот да можат да влезат и трговски партнери кои на европските компании им овозможуваат сличен пристап до своите пазари. Тоа би можело да опфати земји со договори за слободна трговија или царинска унија со ЕУ, како и потписнички на Договорот на Светската трговска организација за јавни набавки.
За германската индустрија тоа е особено важно бидејќи нејзините фабрики се тесно поврзани со производители и добавувачи надвор од ЕУ. Премногу строги правила за потекло би можеле да ги нарушат постојните синџири на снабдување и да ги зголемат трошоците.
Шпанија предлага компромис – систем со три круга. Најголема предност би имале 27-те членки на ЕУ, потоа земјите од Европската економска област и други доверливи партнери со реципрочен пристап до јавните набавки, а во поширок круг би влегле држави со трговски договори или други формализирани економски односи со Унијата. Предвидени се и можни исклучоци за критични компоненти што Европа во моментот не може сама да ги произведе во доволна количина.
Автомобилската индустрија е еден од најконкретните примери за тоа што може да значат новите правила. Според предлогот, кај електричните возила купувани преку јавни набавки најмалку 70 проценти од вредноста на компонентите треба да биде со потекло од ЕУ, а финалното склопување да се врши во Унијата. Слични критериуми треба да го поттикнат европското производство и кај соларната, ветерната, водородната и другата стратешка технологија.
Затоа спорот околу „Made in Europe“ е многу повеќе од расправа за етикета на производ. Се решава кои компании ќе имаат подобра позиција за милијарди евра јавни договори и субвенции, каде во иднина ќе се градат фабрики и колкав дел од европските индустриски синџири ќе останат во ЕУ.
Франција сака тие пари посилно да ја штитат индустријата во Унијата, Германија сака Европа да остане поврзана со своите стратешки партнери, а Шпанија се обидува да најде средина. Токму од конечниот компромис ќе зависи што навистина ќе значи ознаката „Made in Europe“ во новата европска индустриска политика.
Аналитика








