Над 11,1 милијарда евра се чуваат како депозити во банкарскиот систем, а кредитната изложеност веќе се доближува до прагот од 10 милијарди евра. Тоа е состојбата од крајот на август, кога на годишна основа се измерени нагорни движења од 9 насто кај вкупните депозити и уште повисоки 13,6 насто кај кредитирањето.
Раст има и кај домаќинствата и кај компаниите, но во сегментот на задолжувањето поголем годишен придонес има корпоративниот сектор. Само кредитите на компаниите за една година се зголемени за 15,1 насто, додека кај населението за 12,3 насто.
Во август вкупните депозити се зголемиле за 1,6 насто во однос на јули, пред сè поради растот регистриран кај корпоративниот сектор. Кредитната активност, пак, на месечно ниво пораснала за 0,7 насто, при раст кај двата сектора и поголем придонес од домаќинствата, посочено е во информацијата на Народната банка за монетарните движења во осмиот месец од годинава.

Граѓаните со заштеда од 7,49 милијарди и долг од 4,86 милијарди евра
Депозитите на населението на крајот од август изнесувале 460,38 милијарди денари, односно 7,49 милијарди евра. На годишно ниво тие се зголемени за 10,2 насто, при раст на сите компоненти. Сепак, во споредба со јули, заштедите на граѓаните опаднале за 0,4 отсто, што се должи на намалената состојба на депозитните пари.
Половина од тие средства се орочени. Или, орочените депозити на домаќинствата, без средствата на трансакциските сметки, достигнале 3,75 милијарди евра. Зголемени се за 0,6 насто на месечна и за 5,8 насто на годишна основва, главно поради растот на долгорочните орочени депозити.
Побарувачката на кредити од страна на граѓаните не стивнала во август. Вкупната задолженост е во износ од 4,86 милијарди евра – зголемена е за 0,7 насто на месечно и 12,3 насто на годишно ниво. Најголемиот дел од растот произлегува од кредитите одобрени во денари.
Кај најзастапените кредитни категории продолжува нагорното движење. Потрошувачките кредити бележат вкупен износ од 2,49 милијарди евра, а проследени се со месечен раст од 0,5 насто и годишен од 12,2 насто.
Позасилено е темпото кај станбените кредити. Нивниот износ е 1,95 милијарди евра, а за една година е повисоок за 16,2 насто. Месечниот раст е 0,6 насто.
Автомобилските кредити во август се намалиле за 1 отсто во однос на јули, но на годишно ниво се повисоки за 2,7 насто. Задолжувањето преку кредитни картички е со минимален месечен раст од 0,1 насто, но осипано е за 3,7 отсто на годишно ниво. Негативните салда на тековните сметки се зголемиле за 8,5 насто месечно, а за 0,5 насто во споредба со истиот месец лани. Кредитите одобрени врз други основи се зголемени за месечни 0,8 насто, но бележат годишен пад од 8,8 отсто.
Компаниите со кредитна поддршка од 4,84 милијарди евра
Значително месечно зголемување има кај депозитите на корпоративниот сектор. Компаниите во банките имаат депонирано 3,14 милијарди евра. Во август нивните депозити се зголемиле за 6,2 насто, а во однос на истиот период лани за 6,1 насто. Месечниот раст главно произлегува од повисоките депозитни пари, додека годишното зголемување е резултат и на растот на долгорочно орочените депозити.
Истовремено, задолженоста на претпријатијата достигнала до 4,84 милијарди евра. Корпоративните кредити се зголемиле за 0,6 насто во август, но на годишно ниво движењето забрзало на високи 15,1 насто. Зголемувањето во целост произлегува од кредитирањето во домашна валута.
Аналитика








