ПОВЕЌЕ

    „ШАРМ-ОФАНЗИВА“ ИЛИ ИТРА СТРАТЕГИЈА: Што се крие зад понудата на ЕУ Канада да добие придружно членство, а по неа и Австралија и Нов Зеланд?

    Време зa читање: 8 минути

    Европската Унија размислува за досега непостоечка форма на партнерство што би можела значително да ја промени нејзината позиција во светот. Прва на листата е Канада, но веќе се споменуваат и Австралија и Нов Зеланд – три развиени демократии кои со децении економски и безбедносно се тесно поврзани со САД.

    Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен во годишното обраќање пред Европскиот парламент вчера предложи Канада да стане првата „придружна членка“ на ЕУ. Засега таков статус во правниот поредок на Унијата воопшто не постои.

    „Сакаме односите со Канада да ги подигнеме на највисокото можно ниво“, порача Фон дер Лајен, најавувајќи премин од постојниот трговски договор CETA кон поширока „Алијанса за иднината“. Планот предвидува соработка во напредното производство, одбранбената индустрија, енергетиката, критичните минерали и батериите, вештачката интелигенција, квантните технологии, сајбер-безбедноста и Арктикот.

    Зборувајќи денес пред Европскиот парламент, канадскиот премиер Марк Карни ја прифати идејата за многу подлабока интеграција, но нагласи дека Отава не бара класично членство во ЕУ. Неговата формулација е „уникатен сојуз“ со Европа.

    Тоа е важна разлика: Канада не треба да стане 28. членка на Унијата, туку потенцијално прва држава во една сосема нова категорија партнери, чекор кон една значајна промена во архитектурата на ЕУ – и потенцијално во односите меѓу Европа и САД.

    КАНАДА, ПА АВСТРАЛИЈА, НОВ ЗЕЛАНД…

    Уште поинтересна е изјавата на претседателката на Европскиот парламент Роберта Мецола. Таа денеска за Euronews изјави дека Австралија и Нов Зеланд би можеле да го следат канадскиот пример. „Не се сомневам дека ќе бидат вклучени и други земји и дека други ќе затропаат на нашата врата“, рече Мецола, опишувајќи го концептот како своевиден трет пат меѓу полноправното членство и статусот на кандидат.

    Засега, сепак, не постои формална понуда до Канбера или Велингтон. Станува збор за политичка можност што јавно ја отвори претседателката на Европскиот парламент, а не за веќе започната процедура за придружно членство.

    Но, основата веќе постои. ЕУ има трговски договор со Нов Зеланд, додека со Австралија годинава дополнително ги продлабочи односите во истражувањето и иновациите. Во март ЕУ и Австралија формално отворија преговори за австралиско придружување кон програмата Horizon Europe.

    ЗОШТО ТОКМУ КАНАДА?

    Економската логика е прилично јасна. Благодарение на CETA, според Фон дер Лајен, трговијата со стоки меѓу ЕУ и Канада пораснала за 75 проценти за помалку од една деценија. ЕУ е втор најголем трговски партнер на Канада за стоки и услуги, со вкупна размена од околу 178 милијарди канадски долари во 2025 година. Унијата е и втор најголем извор на странски директни инвестиции во Канада, веднаш по САД.

    Но, новата иницијатива оди многу подалеку од трговијата. Европа има потреба од сигурни извори на критични минерали, енергија и суровини, а Канада располага со огромни ресурси. Од друга страна, канадските компании би добиле подлабок пристап до европскиот пазар и можност посилно да се вклучат во европските индустриски, технолошки и одбранбени синџири.

    Канада веќе е единствената неевропска држава вклучена во европскиот инструмент SAFE за одбранбени набавки, а Европскиот парламент во март побара таа да биде што е можно повеќе интегрирана во европската одбранбено-технолошка и индустриска база.

    За Канада постои и уште еден мотив – намалување на зависноста од американскиот пазар. Околу 70 проценти од канадската трговија е врзана за САД, а актуелните трговски тензии со Вашингтон дополнително го забрзаа барањето алтернативни пазари и партнери.

    ШТО ДОБИВА ЕВРОПА?

    Ако моделот подоцна се прошири и кон Австралија и Нов Зеланд, неговото значење би било поголемо од збирот на неколку нови трговски договори.

    ЕУ практично би почнала да создава надворешен економски круг околу единствениот европски пазар – составен од држави кои не се членки на Унијата, но се подлабоко интегрирани во одредени европски пазари, индустрии, истражувачки програми, одбранбени набавки и регулаторни системи.

    Канада носи енергија, минерали, технологии и пристап кон Арктикот. Австралија располага со огромни резерви на критични минерали и силен рударски и енергетски сектор, додека Нов Зеланд има развиена земјоделско-прехранбена економија и веќе воспоставени трговски односи со Унијата.

    За сите страни потенцијалната корист е диверзификација: Европа ја намалува зависноста од Кина за дел од критичните суровини и од САД во одредени стратешки области, додека Канада, Австралија и Нов Зеланд добиваат дополнителен голем пазар и помала зависност од еден доминантен економски партнер.

    Но, колку подлабок би бил пристапот до единствениот пазар, толку поголемо би било прашањето колку европски правила овие земји би морале да прифатат.

    ЗБОГУМ, САД?

    Официјалниот став на Брисел е дека иницијативата не е насочена против никого. „Ова не е партнерство против некој друг, туку за нашата заедничка сила“, рече Фон дер Лајен.

    Сепак, геополитичкиот контекст тешко може да се игнорира. Европскиот парламент уште во март, во официјалната препорака за продлабочување на односите со Канада, зборуваше за „зголемена нестабилност на американската надворешна политика“ како дел од новата геополитичка средина.

    Затоа потегот може да се чита како дел од пошироката европска потрага по стратегиска автономија – не нужно раскинување со Вашингтон, туку создавање поголем капацитет Европа и нејзините партнери да дејствуваат и кога нивните интереси не се идентични со американските.

    Смелиот исчекор на Канада и ЕУ, меѓутоа, не беше дочекан со благонаклонетост од првиот човек на САД.

    Говорејќи во Шарлот, Северна Каролина, Трамп се закани дека ќе одговори на предложениот потег со воведување дополнителни царини за стоки од ЕУ.
    Трамп ја услови својата најнова закана со „намерите“ на европските лидери, изјавувајќи: „Ако намерите се добри, тоа е во ред. Ако намерите се лоши, ќе воведеме многу високи царини за Европа“. Тој исто така навести дека САД би можеле да ја прекинат трговијата со Европа во одредени сектори.

    Трамп ја отфрли идејата Канада да ѝ се приклучи на ЕУ како „смешна“ и го опиша американскиот сосед како „ужасен трговски партнер“.

    ИМА ЕДЕН ПРОБЛЕМ – ВО ЕУ НЕ ПОСТОИ „ПРИДРУЖНО ЧЛЕНСТВО“

    Договорите на Европската Унија во моментов не предвидуваат статус „придружна членка на ЕУ“. Постојат членки, земји кандидати, различни асоцијациски договори и модели на пристап кон делови од единствениот пазар, но не и членство од типот што сега се предлага за Канада.

    Дополнителна пречка е член 49 од Договорот за Европската Унија, според кој за членство може да аплицира „европска држава“. Канада, Австралија и Нов Зеланд очигледно не можат да влезат во класичната процедура врз таа основа.

    Оттука постојат две основни правни патеки.

    Првата, и политички полесна, би била „придружното членство“ во суштина да биде многу длабок договор за асоцијација, надграден врз постојните трговски и стратегиски договори. Член 217 од Договорот за функционирањето на ЕУ веќе ѝ овозможува на Унијата да склучува договори со трети држави што воспоставуваат асоцијација со заемни права и обврски и посебни институционални процедури. Во таков модел зборот „членство“ би имал повеќе политичко отколку уставно значење.

    Втората, многу поамбициозна опција е промена на основачките договори на ЕУ и создавање вистинска нова правна категорија – придружна членка. Тоа би барало согласност на земјите членки и спроведување на процедурите за ревизија и национална ратификација. Reuters наведува дека токму поради непостоењето на таков статус, евентуалното формално придружно членство би можело да бара промена на договорите.

    Реалноста покажува колку комплицирана може да биде постапката. CETA беше потпишан уште во 2016 година и привремено се применува од 2017 година, но десет земји членки сè уште го немаат ратификувано договорот, поради што Европскиот парламент годинава повторно ги повика да го сторат тоа.

    Ако ЕУ има проблем целосно да ратификува класичен трговски договор со Канада речиси една деценија по неговото потпишување, создавањето сосема нов статус што би можел да опфати делови од единствениот пазар, одбраната, технологијата, движењето на луѓето и регулаторното усогласување ќе биде уште посложено.

    Дополнително, Германија веќе реагираше внимателно на идејата, нагласувајќи дека е отворена за нови модели на партнерство со Канада, но дека за самиот концепт „придружна членка“ е потребно дополнително размислување.

    Канада веќе има CETA, одбранбено партнерство и пристап до SAFE; се работи на дигитална трговија, критични минерали, енергија и технологии. Следните чекори можат да се реализираат преку секторски договори без веднаш да се отвораат основачките договори на Унијата. Канада и ЕУ најавија дека конкретната форма на новиот однос ќе ја дефинираат заедно, а следниот самит ЕУ–Канада е закажан за 29 и 30 октомври во Канада.

    Создавањето вистински правен статус на „придружна членка“ е многу поголем чекор и би можело да трае со години.

    Но, можеби поважна од самиот назив е насоката во која тргна ЕУ. Доколку моделот со Канада успее, а потоа кон него навистина се приклучат Австралија, Нов Зеланд или други блиски партнери, Унијата би почнала да се трансформира од затворен европски интеграциски проект во центар на поширока мрежа на економски и стратегиски поврзани демократии.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично