
Ако нафтата е крвотокот на светската економија, тогаш дизелот е горивото што ја тера да работи. Камионите што носат храна до маркетите, машините на градилиштата, земјоделската механизација, автобусите и огромен дел од транспортот зависат од него. А токму ова гориво во последните недели станува сè поскапо и сè потешко достапно. Светот не останува без нафта, но почнува да чувствува недостиг од нешто што во секојдневниот живот може да биде уште поважно – дизел.
На почетокот на септември цената на дизелот на американскиот пазар ја проби границата од 200 долари за барел. Тоа е речиси двојно повеќе од нивото пред воените потреси на Блискиот Исток. Европа и Азија не се далеку зад него. Меѓународната агенција за енергија во најновиот извештај од 11 септември состојбата ја опишува со само две зборчиња – „diesel squeeze“, односно силно стегање на пазарот на дизел.
И токму тука се крие опасноста за последните месеци од 2026 година. Нафтата може да поскапува или поевтинува, но дизелот веќе не ја следи нејзината цена чекор по чекор. Неговиот проблем е друг: светот има сè помалку расположлив дизел, а рафинериите што можат да го произведат работат под огромен притисок.
Во август глобалните рафинерии преработувале околу 81,4 милиони барели дневно, но тоа е за 4,2 милиони барели помалку отколку пред една година. Производството е погодено на повеќе страни истовремено – на Блискиот Исток, во Русија и во делови од Азија. Рафинериските маржи во Атлантскиот Басен достигнаа рекордни нивоа, а најголемиот виновник за тоа е токму дизелот.
Математиката станува уште понепријатна кога ќе се погледне од каде досега доаѓаше горивото. Русија и земјите од Персискиот Залив пред актуелната криза учествуваа со речиси 45 проценти во светската поморска трговија со дизел и гасно масло. Во август нивниот заеднички нето-извоз бил за околу 1,6 милиони барели дневно помал отколку во февруари. Само извозот на дизел од земјите од Заливот паднал на околу една четвртина од претходното ниво.
На удар е и Русија. Украинските напади врз руската нафтена и рафинериска инфраструктура го намалија производството и извозот на горива и дополнително ја стегнаа глобалната понуда. Проблемот стана толку сериозен што на 13 септември американскиот претседател Доналд Трамп јавно побара од украинскиот претседател Володимир Зеленски да престане со нападите врз руските капацитети за производство на дизел, поврзувајќи ги со светскиот недостиг и високите цени. Во САД националната цена на дизелот веќе ја надмина границата од шест долари за галон.
Но Русија е само еден дел од проблемот. На Блискиот Исток продолжената неизвесност околу Иран, нападите врз инфраструктурата и ризиците за транспортот преку клучните поморски коридори го поскапуваат и физичкиот транспорт на нафтата и дериватите. На 14 септември Брент повторно се движеше над 100 долари за барел, додека трошоците за танкерски превоз се искачија на рекордни нивоа.
Светскиот пазар досега го амортизираше ударот со трошење на резервите. Но и тој простор брзо исчезнува. Од почетокот на кризата глобалните залихи на нафта и нафтени деривати се намалени за повеќе од половина милијарда барели. Само во август паднале за 95 милиони барели. Меѓународната агенција за енергија предупредува дека со намалувањето на резервите и со глобалниот рафинериски систем растегнат речиси до крајните граници, ризикот од дополнително затегнување на пазарот е сè поголем.
А најчувствителниот период допрва доаѓа. Со влегувањето во зимските месеци расте побарувачката за средни дестилати, групата во која спаѓа и дизелот. Ако понудата од Русија и од Блискиот Исток не се нормализира, секое дополнително нарушување – нов напад врз рафинерија, проблем со танкерскиот транспорт или затворање на важен поморски коридор – може да предизвика нов ценовен удар.
Токму затоа прашањето веќе не е само колку ќе чини барел сурова нафта. За возачите и компаниите многу поважно станува прашањето колку ќе чини барел дизел.
Тоа е разлика што може да се почувствува и во Македонија. Домашната цена на горивата не зависи единствено од движењето на Брент. Важни се и цените на готовите нафтени деривати на меѓународните пазари, курсот на доларот и другите елементи во пресметката. Тоа значи дека дизелот може да остане под силен ценовен притисок дури и ако суровата нафта не продолжи да расте со исто темпо.
И сепак, сценариото не е еднонасочно. Високите цени веќе ја намалуваат светската потрошувачка. IEA проценува дека глобалната побарувачка за нафта во 2026 година ќе падне за околу 2,5 милиони барели дневно. Доколку дипломатските преговори донесат смирување на Блискиот Исток, се обноват извозните текови и руското производство се стабилизира, притисокот може значително да попушти.
Но, во средината на септември таков пресврт сè уште не се гледа.
Напротив, светот влегува во последниот квартал од годината со поскапа нафта, помалку дизел, истенчени резерви, преоптоварени рафинерии и зимска побарувачка пред себе. Тоа не значи дека дизелот сигурно ќе достигне нова рекордна цена до 31 декември. Значи нешто друго: условите за тоа одамна не биле толку погодни.
И затоа, можеби најскапиот барел до крајот на годината нема да биде барелот нафта. Ќе биде барелот што веќе поминал низ рафинеријата.
Аналитика








