Саудиска Арабија соопшти дека беспилотни летала лансирани од Ирак го погодиле нафтоводот „Исток-Запад“ и предизвикале негово затворање, додека Багдад ја поздрави одлуката на Ријад да се воздржи од одмазда.
Сателитски снимки од податоците од „Коперникус Сентинел“ направени во четврток, кои ги виде новинската агенција АФП, покажаа црн чад како се издига во близина на Медина, по должината на трасата на нафтоводот Исток-Запад што ја носи саудиската нафта до брегот на Црвеното Море.
Саудиското Министерство за надворешни работи во петокот го осуди „нападот врз нафтоводот ‘Исток-Запад’ во регионите на Ријад и Медина со неколку беспилотни летала кои дошле од Ирак, при што имало повредени лица и причинета штета“.„Нафтоводот беше запрен од претпазливост, а нападите резултираа со неколку повредени лица“, изјави претходно претставник на Министерството за енергетика за новинската агенција СПА.
„На барање на ирачкиот премиер (Ријад) одлучи да не возврати во оваа фаза и да ги поддржи напорите на ирачката влада за спречување на напади лансирани од Ирак врз Кралството и соседните земји“, соопшти Министерството за надворешни работи.
Сепак, се нагласува дека Саудиска Арабија „го задржува правото да ги преземе сите неопходни мерки за заштита на својот суверенитет, безбедност, објекти“ и население.
Саудиска Арабија наведува дека во нападите што се случија во четвртокот наутро биле повредени неколку лица.
Ирак ја поздрави одлуката на Саудиска Арабија да се воздржи од одмазда. Државата го осуди секој напад што ја загрозува безбедноста на Саудиска Арабија и соопшти дека премиерот наредил истрага за одговорните, се вели во изјавата на вооружените сили. Истовремено, кабинетот на ирачкиот премиер пред неколку часа соопшти дека е разрешен воен командант кој раководел со операциите во провинцијата Мајсан, откако истрагите потврдиле оти најновите напади со беспилотни летала насочени кон Саудиска Арабија биле „лансирани од локација во рамките“ на таа јужна провинција.
Генералниот секретар на Советот за соработка на Заливот (GCC), Џасем Мохамед Албудаиви, го нарече нападот „опасна ескалација и неприфатлива закана за безбедноста на Кралството Саудиска Арабија, неговиот територијален интегритет и виталните постројки“, како и „грубо кршење на принципите на меѓународното право“.
Од почетокот на тензиите меѓу САД и Иран, Ријад ја зголеми употребата на овој нафтовод, кој го поврзува Абкаик (близу Заливот) со пристаништето Јанбу на Црвеното Море, со цел да се заобиколи евентуалното затворање на теснецот Хормуз од страна на Иран.
Сепак, јеменските Хути, кои оваа недела извршија напади врз Саудиска Арабија, во петокот ја презедоа контролата врз целиот јеменски брег на Црвеното Море и зазедоа три стратешки важни острови, со што ја зацврстија својата контрола врз поморскиот коридор што ги поврзува Европа и Азија.
(Фото: AI илустрација)
Аналитика








