ПОВЕЌЕ

    Парите од лажни извештаи за технички прегледи се „переле“ преку Супер брокер?

    Време зa читање: 4 минути

    Директори од брокерска осигурителна куќа и од Јавното претпријатие за државни патишта се меѓу припадниците на криминалната група која со лажни извештаи за наплатени надоместоци при регистрација на возила противправно стекнала 138,9 милиони денари или 2,26 милиони евра. Во акцијата на МВР се лишени од слобода три лица, а кривични пријави до ОЈО за ГОКК се поднесени против шест физички и три правни лица за проневера во службата, перење пари и несовесно работење во службата.

    Иницијалите и адресата наведени од МВР, како што може да се види во Регистарот на осигуритело брокерски друштва на АСО, се совпаѓаат со Супер брокер.

    Според МВР, главниот механизам се лоцира кај правно лице од селото Кучевиште, кое од 2011 година имало овластување за технички преглед на возила. Во периодот од 1 јануари 2021 до 20 јануари 2026 година, С.С. (49), како управител на фирмата, наводно изготвувал и доставувал лажни извештаи за наплатените надоместоци до Јавното претпријатие за државни патишта, Црвениот крст, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, Министерството за животна средина и општините.

    МВР наведува дека С.С. во тоа дејствувал заедно со Д.М. (54), раководител на станицата за технички преглед, кој бил овластен да изготвува и потпишува фактури и да ги доставува извештаите до институциите.

    Според истрагата, парите биле прикривани преку осигурително брокерско друштво, на чии сметки биле наплаќани и надоместоци кои не биле поврзани со осигурителната полиса.

    „Прикривањето на паричните средства на наплатените парични средства било преку осигурително брокерско друштво, на чии сметки биле наплаќани предвидените надоместоци, иако согласно закон на сметка на брокерското друштво требало да се наплаќа само полисата за осигурување“, информираат од МВР.

    МВР наведува дека Ш.С. (29) и З.Ѓ. (58), како извршни членови на Одборот на директори и овластени лица, знаеле дека дел од приходите потекнуваат од наплата на надоместоци, а не од осигурителната дејност:

    „Како извршни членови на Одборот на директори и овластени лица во критичниот период биле Ш.С. и З.Ѓ., кои знаеле дека дел од приходите потекнуваат од наплата на надоместоци, а не од дејноста на осигурување и заедно со С.С. како неизвршен член на Одборот на директори понатаму го прикриле потеклото на парични средства со префрлање од една на друга сметка на правните лица и мешање на истите со приходите од редовното работење по различни основи (во најголем дел позајмици), а со цел со дел од криминално стекнатите паричните средства да се купуваат недвижности во корист на правното лице“.

    Во случајот е опфатена и Т.М. (64), помошник-директор за финансии во Јавното претпријатие за државни патишта. МВР наведува дека таа имала обврска да ги следи уплатените надоместоци и да ги проверува доставените извештаи, но пропуштила должен надзор:

    „Т.М. во својство на помошник директор за финансии во Јавното претпријатие за државни патишта иако имала обврска да го следи уплатениот надоместок и да врши проверка на доставуваните извештаи, односно споредба на наплатените средства со пресметаните надоместоци во извештаите врз основа на кои се исплаќале фактури за провизија за извршена услуга на правното лице, како и да бара навремено наплаќање на пријавениот надоместок од утврдените разлики,  пропуштила должен надзор и го известувала Д.М. за наплатениот износ на сметката на ЈПДП наместо правното лице од с.Кучевиште да доставува месечни извештаи до нив, на кој начин на С.С. му овозможиле да се стекне со противправна корист во износ 48.434.406 денари по однос на надоместок за патна такса“.

    Во случајот е опфатен и М.Д. (40), овластен сметководител во правно лице од Скопје, за кого МВР наведува дека во сметководствената документација внесувал невистинити податоци и поднесувал даночни пријави и годишни сметки кои не ја прикажувале реалната финансиска состојба на фирмата од Кучевиште.

    Според МВР, вкупната противправно стекната имотна корист изнесува 138.877.419 денари, односно 2.258.169 евра. Од таа сума, штетата била направена на повеќе институции и субјекти:

    Јавно претпријатие за државни патишта – 48.434.406 денари;

    Црвен крст – 1.485.926 денари;

    Министерство за животна средина – 5.585.098 денари;

    Буџет и комунална такса за општините – 83.371.988 денари.

    Во полициската акција, спроведена на 2 и 3 септември под раководство на ОЈО за ГОКК, биле извршени претреси на повеќе локации во Скопје. Лишени од слобода се С.С., Ш.С. и З.Ѓ. При претресите биле пронајдени и одземени околу 27.735 евра, 38.500 денари, 750 швајцарски франци и 100 долари, повеќе мобилни телефони и две патнички возила.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично