Тргувањето со акции на Македонската берза минатата недела беше значително послабо, но поединечни изданија сепак имаа забележливи ценовни поместувања. На официјалниот пазар од 10 до 14 август биле реализирани 40,5 милиони денари, што е 53,78 отсто помалку од претходната недела.
Најголем интерес имало за акциите на Комерцијална банка, со промет од 13,54 милиони денари. Следат Алкалоид со 12,79 милиони денари и Макпетрол со 4,31 милион денари. Во текот на неделата не биле регистрирани блок-трансакции.
На ценовната листа најмногу се издвои Алкалоид, чии акции поскапеа за 9,37 насто. Раст имаа и Гранит – 2,60 насто и Македонски Телеком – 2 отсто.
На спротивната страна е Стопанска банка Скопје, со пад на обичните акции од 2 отсто. Акциите на НЛБ банка поевтинија за 1,69 отсто, додека Макпетрол забележа пад од 0,94 отсто.
На официјалниот пазар биле склучени 214 трансакции, во кои се истргувани 3.819 акции и 1.843 обврзници.
Сликата за вкупната берзанска активност, сепак, е поинаква ако се вклучи и обврзничкиот пазар. Вкупниот промет на Македонската берза во неделата достигнал 219,2 милиони денари, од кои дури 178,69 милиони денари биле реализирани преку јавни понуди на обврзници.
Најголем дел од овој промет, 178,07 милиони денари, бил остварен со обврзниците од првата емисија на ИУТЕ Кредит, додека со корпоративните обврзници од четвртата емисија на ТТК банка биле реализирани 614.910 денари.
Аналитика








