Информацијата што Пари ја објави пред неколку дена за можноста косовскиот малопродажен гигант Интерекс да ги преземе маркетите на Тинекс сега доби и официјална потврда. Косовската компанија Проекс Интернационал Л.Л.Ц. доставила до Комисијата за заштита на конкуренцијата (КЗК) известување за концентрација со која има намера да стекне контрола врз новоформираното друштво Тинекс маркет ДООЕЛ Скопје.
Документот на КЗК открива и повеќе детаљи за зделката која досега беше предмет на неофицијални информации.
На 2 јули годинава Тинекс-МТ како продавач и Проекс Интернационал како купувач потпишале Писмо за намери и рамка за трансакцијата, во кое ги утврдиле главните комерцијални услови и структурата на планираното преземање. Предмет на трансакцијата е малопродажниот бизнис на Тинекс-МТ, односно мрежата маркети што работат под имињата Тинекс, СуперТинекс, Тинекс Деликатес, Конто и Спот.
Тинекс маркет е ново правно лице, регистрирано на 14 јули 2026 година, само 12 дена по потпишувањето на писмото за намери. Според документот доставен до КЗК, токму ова друштво е предвидено да биде средството преку кое ќе се стекне и ќе се продолжи со работењето на малопродажниот бизнис.
КЗК наведува дека главна дејност на Проекс Интернационал е трговија на мало во неспецијализирани продавници, претежно со храна, пијалаци и тутунски производи. Исто така, посочено е дека Проекс и групацијата на која ѝ припаѓа немаат поврзани субјекти регистрирани во Македонија, ниту оствариле приходи на македонскиот пазар во 2025 година.
За оценување на концентрацијата, како релевантен пазар е предложен пазарот на малопродажба во неспецијализирани продавници – маркети.
Тинекс пред голем пресврт: косовски Интерекс на чекор до преземање на маркетите?
КЗК засега не дала зелено светло за преземањето. По прелиминарното испитување, Комисијата утврдила дека концентрацијата може да потпадне под одредбите од Законот за заштита на конкуренцијата, но конечната одлука по ова прашање е резервирана.
Комисијата ги повика заинтересираните трети страни да достават забелешки и мислења во рок од 10 дена од објавувањето на известувањето.
Како што веќе објавивме, зад Интерекс стои Проекс, еден од поголемите малопродажни играчи на Косово. Компанијата во 2025 година остварила приходи од 235 милиони евра, наспроти 223 милиони евра во 2024 година. Интерекс има 36 маркети во 18 градови и околу 1.700 вработени.
М.А.
Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
Аналитика








