ПОВЕЌЕ

    ТРКАТА СЕ СЕЛИ ВО ВСЕЛЕНАТА: Русија планира 924 сателити за сопствен интернет-систем

    Време зa читање: 3 минути

    Во војната во Украина сателитската врска одамна не е само прашање на комуникација. Таа стана дел од самата воена инфраструктура, од управување со беспилотни летала до координација на единиците на терен. Токму затоа забрзаниот развој на рускиот одговор на Starlink во Киев се следи со особено внимание.

    Русија, според украинското воено разузнавање, многу побрзо од првичните планови ја гради сопствената сателитска интернет-мрежа, која во иднина треба да функционира на сличен принцип како системот Starlink на SpaceX. Планот е до 2027 година во орбитата да има речиси 300 руски сателити.

    Заменик-шефот на украинската воена разузнавачка служба ГУР, генерал-мајор Вадим Скибицки, во интервју за РБЦ-Украина изјави дека рускиот систем „Рассвет“ во моментов располага со 16 сателити.

    „Тие веќе почнаа да го лансираат многу побрзо од првично планираното“, рече Скибицки.

    Во сегашната фаза системот сè уште нема постојана покриеност. Според неговите зборови, врската може да се воспостави само повремено, кога некој од сателитите поминува над украинската територија. Но, плановите на Москва се далеку поамбициозни: констелацијата треба да достигне 292 сателити до 2027 година, а до 2035 година нивниот број да се зголеми на 924.

    Доколку овие планови се реализираат, Русија би добила сопствена сателитска комуникациска мрежа со функционалност слична на Starlink.

    „Откако Русија ќе распореди целосна сателитска констелација, системот ќе работи како Starlink. Веќе се водат дискусии за тоа како да се спротивставиме на тоа“, изјави Скибицки.

    Starlink во изминатиот период имаше значајна улога во украинските воени операции, особено за комуникација и употреба на беспилотни летала. Системот на SpaceX функционира во Украина, но не и во Русија.

    Руски единици, според претходните информации, користеле Starlink терминали набавени преку сивиот пазар на украинска територија. Киев потоа побара од SpaceX да го ограничи нивното користење, по што дел од руските терминали биле онеспособени.

    Но, сателитската мрежа не е единствената област во која Украина забележува забрзување на руските воени капацитети.

    Скибицки тврди дека Москва во првите седум месеци од годинава веќе ги исполнила годишните производствени планови за ракетите „Циркон“ и „Оникс“, а вкупното производство на ракети е за 10 до 20 проценти над планираното ниво за 2026 година.

    Истовремено, руските залихи на балистички ракети „Искандер-М“, кои се меѓу главните средства што Москва ги користи во нападите врз Украина, се проценуваат на околу 130 ракети. Само во јули, според украинското разузнавање, биле произведени уште 65.

    Развојот на украинската индустрија за балистички ракети и капацитетите за производство на беспилотни летала, според Скибицки, сè повеќе се меѓу приоритетните цели на руските ракетни напади.

    Во такви услови, трката меѓу Москва и Киев одамна не се води само на земја и во воздух. Таа сè повеќе се префрла и стотици километри над Земјата, каде сателитите стануваат уште еден важен дел од воената технологија и комуникацијата.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично