Белорусија го стави веб-сајтот на Еуроњуз на својата официјална листа на „екстремистички материјали“, со што пристапот до страницата во земјата е ограничен. Одлуката е донесена на 4 август од Окружниот суд во Горки, во областа Могилев, а Министерството за информации ја ажурирало Републичката листа на екстремистички материјали.
Според белорускиот независен медиум Reform.news, одлуката за е дел од поширокото ажурирање на листата, на која се додадени и повеќе профили на Инстаграм, Телеграм, ТикТок, Јутјуб, Икс, како и веб-страницата euvsdisinfo.eu. Reform.news пишува дека во Белорусија обвиненијата поврзани со екстремизам се користат за гонење на противници на претседателот Александар Лукашенко и за пошироко сузбивање на несогласувањето.
Одлуката има непосредно дејство, а последиците не се однесуваат само на пристапот до веб-страницата. Еуроњуз објави дека читателите во Белорусија може да се соочат со административни санкции за чување или дистрибуирање на содржини од медиумот.
Од Еуроњуз велат дека не добиле официјално известување од белоруските власти.
„Не сме информирани за оваа одлука и ја очекуваме аргументацијата на властите“, изјавил уредничкиот директор на Еуроњуз, Клаус Штрунц. Тој додал дека медиумот ќе продолжи да обезбедува „фактичко, независно новинарство“ и дека неговата посветеност кон публиката во Белорусија останува непроменета.
Штрунц ја оценил одлуката како знак дека властите се плашат од слободното известување.
„Држава која го прогласува Еуроњуз за ‘екстремистички’ и го блокира пристапот до независно и непристрасно новинарство го открива сопствениот страв од слободното известување“, рекол тој.
Ова не е првпат белоруските власти да го ограничат Еуроњуз. Телевизиското емитување на каналот во Белорусија било прекинато во 2021 година. Тогаш официјалното образложение било поврзано со наводни прекршувања на законодавството за рекламирање.
Сега ограничувањето е проширено и на дигиталната платформа на медиумот.
Според Еуроњуз, одлуката за прогласување на веб-страницата за „екстремистичка“ значи дека неговото следење и споделување може да носи ризик за граѓаните во Белорусија. Опозициската лидерка Свјатлана Циханоускаја предупредила дека новата ознака може да ги изложи на ризик не само читателите туку и новинарите и изворите на информации.
„Тоа е одмазда – одмазда на режимот поради известувањето на Еуроњуз“, изјавила Циханоускаја за Еуроњуз. Таа навела дека медиумот известувал за протестите во 2020 година, за спорните претседателски избори, политичките затвореници и за војната во Украина.
Таа оценила дека новата одлука му дава на белорускиот КГБ дополнителна можност да ги гони луѓето кои бараат независни информации.
„Гледањето Еуроњуз или читањето на веб-страницата на Еуроњуз може да ве однесе во затвор. Споделувањето вести од Еуроњуз може да стане кривично дело“, предупредила таа.
Одлуката за Еуроњуз доаѓа во услови на пошироко ограничување на пристапот до независни медиуми и интернет-содржини во Белорусија.
Европската агенција за азил (EUAA) во својот извештај за политичката опозиција и несогласувањето во Белорусија наведува дека властите континуирано ги прошируваат ограничувањата врз ширењето и пристапот до информации и систематски ја зголемуваат контролата врз интернетот. Според агенцијата, независни медиуми биле блокирани, а нивната содржина била криминализирана преку законодавството против „екстремизам“ и „тероризам“.
EУАА наведува и дека во февруари 2025 година белорускиот министер за информации соопштил дека властите блокирале повеќе од 15.000 веб-страници, меѓу кои и страници прогласени за екстремистички.
Во таков контекст, прогласувањето на Еуроњуз за „екстремистички материјал“ претставува ново ограничување на пристапот до независните информации во земјата.
Еуроњуз најави дека ќе продолжи да известува за случувањата во земјата.
(Фото: Euronews)
Аналитика








