Минимална инфлација од 0,1 насто е измерена во јули. Стапката продолжува да забавува и се спушти на 2,3 насто на годишно ниво. Економистите очекуваат дополнително намалување на инфлацијата, но цените што се формираа во текот на кризните години нема да се спуштат под достигнатиот праг.
Летото и зелените пазари, вообичаено, имаат делотворно дејство врз инфлаторните движења. За граѓаните најчувствителен сегмент е храната, но токму кај оваа група, која во изминатите години беше главен двигател на инфлацијата, притисоците се намалуваат. Цените во групата храна и безалкохолни пијалаци во јули се повисоки за 1,1 насто споредено со истиот месец лани. Сепак, на месечно ниво се поевтини за 1,1 отсто.
„Инфлацијата во Македонија продолжува да забавува, во јули изнесува 2,3 проценти на годишна основа.
Падот на годишната стапка на инфлација за 3,4 процентни поени во периодот од април до јули e навистина значаен, остварен во кратко временски период, а во јули стапката на инфлација во Македонија е под просекот на еврозоната.
Месечната стапка на инфлација стагнира а кај храната е забележано намалување на трошоците на живот за 1,1 процент“, посочува директорот на Државниот завод за статистика, Дејан Станков.

Кризата на Блискиот Исток без значаен ефект врз храната
И покрај стравувањата дека новите геополитички тензии може да се прелеат врз храната и енергенсите, засега нема значаен ефект врз домашните цени на храната.
„Гледајќи ја месечната динамика, значи јули во однос на јуни 2026, може да кажеме дека е позитивна и во линија со очекувањата, бидејќи вкупните цени скоро останале исти, а кај цените на храната имаме одредено намалување, кое е присутно кај сите групи производи, иако кај некои, како зеленчукот и овошјето е јасен сезонски ефект. Меѓутоа, фактот што цените кај храната се стабилни упатува на тоа дека во тој сегмент немаше и нема значајни преносни ефекти од кризата на Блискиот Исток“, вели професорот од Американ Колеџ, Марјан Петрески.
За еден месец транспортот поскапе 4,4 %
Најголемото месечно поскапување во јули е забележано кај транспортот – од 4,4 насто, што освен со ценовните промени кај горивата, исто така е поврзано и со сезонските движења и летниот период. Со тоа транспортот на годишно ниво е поскап за 1,1 насто.
Горивата имаат огромно влијание врз движењата на цените во речиси сите сегменти. Затоа, за да се одржи поволниот тренд на намалување на инфлацијата, меѓу другото, мора да се следат случувањата на светските пазари, истакнуваат и Станков и Петрески во изјавите дадени за Пари.
„Потебно е во следниот период внимателно следење на флуктуацијата на цените на нафтените деривати, кои зависат од глобалните текови, како и одговорно однесување на сите чинители во македонската економија со цел понатамошно надолно движење на инфлацијата“, препорачува Станков.

Месечниот пораст е во значаен дел сезонски ефект, смета Петрески:
„Се разбира, внимателност во овој контекст е потребна и понатаму. Месечната динамика е јасно движена од цената на нафтата и нафтените деривати, кои повторно нагорно се придвижија во јули поради тензиите САД-Иран, што сега веројатно и побрзо се пренесува кај транспортните услуги. Истовремено, интересно е што во однос на јули лани, трошоците за патнички транспорт се пониски, што значи дека месечниот пораст е во значаен дел сезонски ефект“.
Алкохолот и тутунот со повисоки цени
Инаку, според Статистика, најголем придонес за годишната инфлација имаат алкохолните пијалаци, тутунот и наркотиците, каде што цените се повисоки за 9,5 насто во однос на јули 2025 година. Веднаш зад нив се рекреацијата, спортот и културата со раст од 5,7 насто, услугите за образование со 4,9 насто, како и ресторани и услуги за сместување со 4,4 насто.
Трошоците поврзани за домувањето се исто така еден од изворите на инфлациските притисоци. Цените опфатени во групата домување, вода, електрична енергија, гас и други горива во јули се повисоки за 3,6 насто на годишно ниво.
Намалување на цените е присутно кај дел од категориите. Покрај храната, поевтини се и покуќнината и опремата за домаќинствата за 1,4 отсто на месечно ниво, а цените на облеката и обувките се намалени за 0,2 отсто.
Што се однесува до годишната инфлација, движењето е очекувано, наведува Петрески:
„Гледајќи ја годишната инфлација во јули од 2,3 проценти, како и вкупната за изминатиот дел од годинава од 3,9 проценти, тие се главно во линија со очекувањата, иако стапката во јули е под влијание на релативно високата споредбена основа од лани (во јули 2025, месечната стапка беше 1,1 %, а годишната 4,8 % – двете релативно високи). Има релативно широка распространетост, што е последица на доходниот ефект, кој за разлика од лани, мојата проценка е дека е послаб, но е сѐ уште присутен и веројатно нагласен поради летниот период на одмори и посети од дијаспората, што се гледа, на пример, преку авиотранспортот, туристичките аранжмани (13 %), сместувањето (9 %), фризерските услуги (5 %) и слично“.
Кога ќе се споредат седумте месеци од 2026 година со истиот лански период, кумулативната инфлација изнесува 3,9 насто. Најголем годишен раст има кај алкохолните пијалоци, тутун и наркотици од 8,2 насто, а следат рекреација, спорт и култура со 5,4 насто и ресторани и услуги за сместување со 4,5 насто.
Според индексот на цени на мало, кој ги следи цените во трговијата, во јули годишниот раст е понизок и изнесува 1,8 насто, додека кај услугите има позначителен раст од 4,2 насто на месечно.
Ќе се врати ли стапката на инфлација на нивото од пред кризата?
„Да, ќе се врати, со смирувањето на глобалните тензии кај нафтата и евентуално кај храната, како и со разумна консолидација кај фискалната политика на домашен терен. Во отсуство на вакви притисоци, инфлацијата ќе се врати на некое долгорочно просечно ниво од 2 проценти годишно. Но, она што не треба да се прави забуна во јавниот дискурс е дали ќе се вратат цените на нивото од пред ковид. И тука одговорот е јасно – не. Во меѓувреме, се прилагодија останатите агрегати, посебно доходните агрегати, на новите нивоа на цени, и враќање на цените назад е скоро невозможно. Секако, ќе има одредени производи кај кои намалувања се можни, како резултат на конкретни услови на понуда и побарувачка на тој конкретен производ, но дека општото ниво на цени ќе се врати назад е илузија која треба да ја заборавиме“, нагласува професорот Петрески.
Р.П.
Аналитика








