
На железничката карта на Европа, врската меѓу Јадранското и Црното Море одамна е исцртана. На терен, сепак, недостигаат последните километри од македонска страна – од Крива Паланка до границата со Бугарија.
Токму за оваа делница денеска беа потпишани договорите и амандманите со кои се заокружува финансиската рамка за третата фаза од источниот дел на железничкиот Коридор 8.
Најголемиот неповратен дел од финансирањето се 149 милиони евра обезбедени од Европската Унија преку Инвестициската рамка за Западен Балкан – WBIF. Во проектот се вклучени и Европската инвестициска банка и Европската банка за обнова и развој, со кои се потпишани договорите за финансирање.
Грантот од 149,2 милиони евра беше одобрен претходно, а со денешните документи се создаваат услови средствата да бидат употребени за реализација на проектот. Официјалната финансиска конструкција предвидуваше и кредити од по 175 милиони евра од ЕИБ и ЕБОР.
Станува збор за нова железничка делница од Крива Паланка до бугарската граница, долга 23,4 километри. Проектот опфаќа изградба на пругата, сигнализација и телекомуникациски системи, како и електрификација на целото источно железничко крило од Куманово до границата, во должина од околу 88 километри.
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски оцени дека по речиси две години работа е создаден проект што е реален и остварлив. Според него, изградбата на Коридорот 8 треба да ѝ овозможи на Македонија подобро да ја искористи позицијата на пресекот меѓу Коридорите 8 и 10.
Паралелно со делницата треба да се решава и прашањето за прекуграничниот тунел, кој физички ќе ги спои железничките мрежи на Македонија и Бугарија. Двете држави веќе постигнаа договор за заедничка изградба на тунелот, кој е неопходен за пругата да стане функционална меѓународна врска.
Според најавите, до крајот на август треба да се одржи нов меѓувладин состанок во Скопје. Македонија и Бугарија потоа треба заеднички да побараат дополнителна европска финансиска поддршка за тунелот.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска изјави дека потпишаните документи создаваат услови за непречено продолжување на проектот. Очекувањата се новата пруга да го олесни движењето на луѓето и стоките, да ја подобри економската интеграција и да отвори нови можности за македонските компании.
Коридорот 8 треба да создаде железничка оска меѓу Јадранското и Црното Море. Со тоа, Македонија би добила подобар пристап до регионалните пазари и европските транспортни мрежи, а компаниите дополнителна можност за поевтин и поефикасен товарен транспорт.
Но, денешните потписи не значат дека возовите наскоро ќе тргнат кон Софија. Пред проектот остануваат изборот на изведувач, сложените градежни работи и изградбата на заедничкиот тунел.
Сепак, грантот од 149 милиони евра е важен чекор: значителен дел од сметката за последната железничка делница нема да го плаќаат македонските граѓани преку нов долг.
По децении планови, прекини и повторни најави, пругата кон Бугарија повторно е поставена на финансиски шини. Сега најважно е потпишаните договори конечно да се претворат во километри изградена железница.
Аналитика








