ПОВЕЌЕ

    Народната банка ја задржа основната камата на 4,25 %, неизвесноста останува

    Време зa читање: 4 минути

    Народната банка одлучи да не ја менува основната каматна стапка, која и понатаму останува на 4,25 проценти, оценувајќи дека и покрај забавувањето на инфлацијата, неизвесноста во домашното и меѓународното окружување останува висока.

    Одлуката ја донесе Извршниот одбор на денес одржаната редовната седница за поставеноста на монетарната политика, а по јунското зголемување на каматната стапка. Од Народната банка посочуваат дека одлуката се темели на најновите макроекономски показатели и проценката на ризиците.

    Според централната банка, девизниот пазар од почетокот на мај е стабилен, иако корпоративниот сектор сѐ уште покажува зголемена побарувачка за девизи, делумно поради повисоките цени на енергентите. Девизните резерви на крајот на јуни достигнале 4,936 милијарди евра и остануваат во сигурната зона.

    Годишната инфлација продолжила да забавува и во јуни, кога се свела на 3,4 проценти, што е пониско од очекувањата во априлската проекција. Забавувањето главно се должи на поумерен раст на цените на храната и на забавување на базичната инфлација. Сепак, од Народната банка оценуваат дека е потребно дополнително време за да се потврди дека овој тренд е одржлив.

    Како главни ризици се посочуваат повторната ескалација на конфликтите на Блискиот Исток и војната меѓу Русија и Украина, кои повторно вршат притисок врз цените на енергентите, суровините и синџирите на снабдување. Истовремено, домашната побарувачка продолжува да создава ризици за идната динамика на инфлацијата.

    „Во вакви услови, беше оценето дека тековната поставеност на монетарната политика е соодветна. Задржувањето на основната каматна стапка, заедно со мерките преземени досега кај задолжителната резерва и макропрудентната политика ќе придонесат за одржување на стабилноста на девизниот курс на денарот во однос на еврото, за постепено враќање на инфлацијата на историскиот просек и за натамошно зацврстување на инфлациските очекувања, а соодветно ќе влијаат и врз кредитните услови во економијата“, се вели во соопштението.

    Воедно од Народната банка потсетуваат дека и Европската централна банка на последната седница ги задржа каматните стапки непроменети, со образложение дека неизвесноста останува висока, а ефектите од енергетските шокови врз инфлацијата во еврозоната сѐ уште не се целосно исцрпени.

    „Во однос на најновите податоци за главните макроекономски показатели, на крајот на јуни, девизните резерви изнесуваат 4.936,4 милиони евра и се одржуваат во сигурната зона во согласност со показателите за адекватност. Од почетокот на мај наваму, девизниот пазар е стабилен, при сосема мали интервенции на Народната банка и на страната на продажбата, и на страната на откупот на девизи.

    Во јуни 2026 година, годишната стапка на инфлација и натаму забавува сведувајќи се на 3,4%, што е пониско ниво од очекувањата според априлската проекција. Забавувањето најмногу произлегува од поумерениот раст на цените на храната, при поволни сезонски и базни ефекти, како и од забавувањето на базичната инфлација што е поврзано со променливоста на цените на воздушниот сообраќај.

    Сепак, инфлацијата и натаму е на релативно повисоко ниво, а увозните цени сѐ уште се високи и нестабилни, во услови на одолжена неизвесност поради геополитичките случувања. Притоа, најновите проекции за увозните цени упатуваат на повисока странска инфлација, а неизвесноста и ризиците поврзани со идната динамика на светските цени на примарните производи и натаму се изразени, особено поради повторната ескалација на воените дејствија. Од друга страна, анкетите на Европската комисија спроведени во јуни упатуваат на очекувања на потрошувачите за натамошен, но значително поумерен раст на општото ниво на цените во следните 12 месеци“, наведуваат од НБРСМ.

    Во меѓувреме, домашната економија продолжува да покажува отпорност. Реалниот раст на БДП во првиот квартал изнесуваше 3,1 проценти, а високофреквентните показатели за вториот квартал упатуваат на можност за дополнително забрзување на економската активност. Во банкарскиот сектор, кредитната активност и растот на депозитите и понатаму се повисоки од очекувањата.

    Од Народната банка најавуваат дека и понатаму внимателно ќе ги следат домашните и глобалните економски движења и ќе бидат подготвени да ги искористат сите расположливи инструменти за зачувување на ценовната и финансиската стабилност.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично