ПОВЕЌЕ

    ВОЛСТРИТ ЈА ПЛАТИ СМЕТКАТА ЗА AI: „Тесла“ падна 14,5%, „Алфабет“ седум отсто

    Време зa читање: 4 минути

    Волстрит во ист ден доби две големи сметки – една од трката за вештачка интелигенција, а другата од конфликтот на Блискиот Исток. Инвеститорите масовно продаваа технолошки акции откако „Алфабет“ и „Тесла“ покажаа колку пари трошат за AI-инфраструктура, додека скокот на нафтата над 100 долари повторно го врати стравот од повисока инфлација.

    Трите главни американски индекси ја завршија сесијата во минус. Дау Џонс загуби 506,93 поени, односно 0,97 отсто, и се спушти на 51.711,65 поени. S&P 500 падна за 1,21 отсто, на 7.408,30 поени, додека технолошкиот Насдак потона за 2,15 отсто и затвори на 25.137,69 поени.

    Во центарот на распродажбата беа првите два гиганти од групата „Величествените седум“ што ги објавија кварталните резултати – матичната компанија на „Гугл“, „Алфабет“, и производителот на електрични автомобили „Тесла“.

    Акциите на „Алфабет“ паднаа за седум отсто, иако компанијата оствари подобри приходи од очекувањата и рекорден раст на својот облачен бизнис. Google Cloud во вториот квартал ги зголемил приходите за 82 отсто, на 24,8 милијарди долари, додека вкупните приходи на компанијата достигнале 119,8 милијарди долари.

    Но, на пазарот не му беа доволни силните приходи. Инвеститорите се фокусираа на трошоците и на прашањето колку долго ќе треба да чекаат пред огромните вложувања во вештачката интелигенција да почнат да носат соодветен принос.

    „Алфабет“ ја зголеми прогнозата за капитални инвестиции во 2026 година на меѓу 195 и 205 милијарди долари. Претходната процена се движеше од 180 до 190 милијарди долари. Компанијата во кварталот забележа и негативен слободен паричен тек од 5,9 милијарди долари – прв таков квартал во нејзината историја.

    Пораката од инвеститорите беше јасна: растот на AI-бизнисот и натаму е привлечен, но пазарот почнува многу повнимателно да пресметува колку чини тој раст.

    Уште посилен удар претрпе „Тесла“, чии акции паднаа за 14,5 отсто. Компанијата остварила приходи од 28,24 милијарди долари, над очекуваните 25,71 милијарда, но приспособената добивка од 33 центи по акција значително заостанала зад прогнозата од 51 цент.

    Капиталните трошоци на „Тесла“ во вториот квартал достигнале 5,8 милијарди долари, повеќе од двојно во однос на истиот период лани и претходниот квартал. Поради забрзаните вложувања во вештачка интелигенција, роботакси и хуманоидни роботи, слободниот паричен тек паднал на минус 1,1 милијарда долари – првпат по повеќе од две години.

    Компанијата планира годинава да потроши повеќе од 25 милијарди долари за AI-инфраструктура, автономно возење, роботика и други проекти. Истовремено, основниот автомобилски бизнис се соочува со притисок врз профитабилноста, пониски просечни продажни цени и посилна конкуренција.

    Распродажбата не беше предизвикана само од технолошките компании. Новата ескалација на Блискиот Исток ја крена цената на „брент“ за седум отсто, на 100,69 долари за барел – прво затворање над 100 долари од мај. Американската WTI се искачи над 92 долари.

    Цените реагираа по нападите врз два саудиски танкери во Црвеното Море и продолжувањето на американските и иранските воени дејствија. Пазарите стравуваат дека, покрај ограничениот сообраќај низ Ормускиот Теснец, може да биде загрозена и втора важна рута за извоз на нафта од регионот.

    Поскапата нафта повторно ги засили инфлациските очекувања и ги крена приносите на американските државни обврзници. Приносот на десетгодишните обврзници достигна највисоко ниво од почетокот на 2025 година, создавајќи дополнителен притисок врз скапите технолошки акции.

    На берзата особено беа погодени технолошките и потрошувачките компании, додека повисоките трошоци за гориво ги притиснаа и авиопревозниците. Подобро поминаа дел од индустриските и одбранбените компании, меѓу кои „Локид Мартин“ и RTX, кои ги зголемија своите годишни прогнози.

    Падот на „Алфабет“ и „Тесла“ покажува дека Волстрит повеќе не ја наградува секоја инвестиција што го носи знакот AI. Инвеститорите сега бараат не само раст, туку и доказ дека стотиците милијарди долари вложени во центри за податоци, чипови, автономни системи и роботи ќе почнат да создаваат доволно готовина.

    Во комбинација со нафта над 100 долари и нови инфлациски ризици, тоа го остава американскиот пазар пред две големи прашања: дали технолошките гиганти можат да ја оправдаат цената на AI-трката и дали конфликтот на Блискиот Исток повторно ќе ги промени каматните пресметки на централните банки.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично