ПОВЕЌЕ

    Депозитите во банките на чекор до 11 милијарди евра – само во јуни се депонирани 224 милиони

    Време зa читање: 3 минути

    Во јуни граѓаните и компаниите депонирале уште 224 милиони евра во банките, со што вкупните депозити достигнаа речиси 11 милијарди евра (10,98 милијарди евра). Во истиот период кредитната задолженост пораснала за 131,9 милиони евра и достигнала 9,6 милијарди евра.

    На годишна основа вкупните депозити бележат раст од 9,9 насто, а само во јуни нараснале за 2,1 насто. Од ланскиот јуни вкупните кредити се зголемиле за 13,1 насто, додека месечната промена е за 1,4 насто, покажуваат податоците на Народната банка. Движењата се поддржани од двата сектори, со тоа што кај влоговите поголем е придонесот на домаќинствата, а кај кредитирањето – на корпоративниот сектор.

    Депозитите на домаќинствата во јуни се повисоки за 0,7 насто и изнесуваат 7,4 милијарди евра. Или, во меѓувреме се зголемил обемот на долгорочните депозити и на депозитните пари. Годишниот раст, пак, изнесува 10,5 насто.

    Населението носи и должнички товар од близу 4,8 милијарди евра, кој во јуни се зголемил за 1,3 насто. Тоа, велат од НБ, „во целост се должи на зголеменото кредитирање во денари, во услови на пад на кредитите во странска валута“. Во однос на ланскиот јуни, регистриран е раст од 12,1 насто.

    Најголемиот дел од банкарските позајмици, во износ од над 2,4 милијарди евра, го зафаќаат потрошувачките кредити. Проследени се со месечна промена од 1,5 насто и годишна од 11,8 насто. Кај станбените кредити се забележани дополнителни 1,6 насто на месечна и 16,6 насто на годишна основа, при што граѓаните користат вкупно 1,9 милијарди евра.

    Во текот на јуни автомобилските кредити се намалени за 0,6 отсто, но на годишно ниво има зголемување од 7,8 насто. Задолженоста преку кредитните картички има месечен раст од 0,4 насто, а годишен пад од 4 отсто. Негативните салда, пак, на тековните сметки се зголемени за 0,9 насто месечно и за 2,1 насто годишно. Кај кредитите одобрени врз други основи е нотирано и месечно и годишно намалување од 2,4, односно 11,2 отсто.

    Во банките се депонирани и 3,1 милијарда евра депозити на корпоративниот сектор. Износот е достигнат по јунскиот раст од 5,2 насто. А, за една година овие средства нараснале за 8 насто.

    Компаниите во јуни го зголемиле користењето банкарски кредити за 1,4 насто. Годишната промена е измерена со позитивни 14,2 насто. „Промената кај двете основи се должи на зголеменото кредитирање во денари и во странска валута, со поголем придонес на кредитите во денари“, велат од Народната банка. Нивниот дел од долгот опфаќа околу 4,8 милијарди евра.

    Податоците на Народната банка покажуваат дека во јуни продолжил растот и на паричната маса (М3), која изнесува 10,6 милијарди евра. На месечно ниво е повисока за 1,8 насто, главно поради зголемувањето на депозитните пари и краткорочните депозити, а при пад на готовината во оптек. На годишна основа, паричната маса е повисока за 9,7 насто, што ја одразува континуираната експанзија на депозитната база и ликвидноста во банкарскиот систем.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично