
Новата генерација економисти, правници, ИТ-специјалисти и финансиски аналитичари ќе има можност одблизу да види како функционира институцијата што ја креира и спроведува монетарната политика во земјава. Народната банка и годинава ги отвори вратите за студентите практиканти, кои во наредниот период ќе стекнуваат практични знаења во различни сегменти од работењето на централната банка.
По повод почетокот на практикантската програма, гувернерот на Народната банка, д-р Трајко Славески, се сретна со студентите и им посака успешен почеток, охрабрувајќи ги максимално да ја искористат можноста за учење и професионален развој.
„Вие сте дел од иднината. Искористете ја практикантската работа најдобро што можете – поставувајте прашања, учете од вашите ментори и бидете отворени за нови идеи“, им порача Славески на студентите.
Средбата се одржа во Музејот на Народната банка, во година кога институцијата одбележува 80 години централно банкарство – значаен јубилеј што го симболизира нејзиниот долгогодишен придонес во одржувањето на макроекономската стабилност и градењето доверба во националната валута.
За време на практикантската програма, студентите ќе имаат можност непосредно да се запознаат со работата на повеќе организациски единици во Народната банка. Тие ќе работат со тимови од областа на монетарната политика и економските истражувања, финансиските пазари, статистиката, информатичката технологија, правните работи и трезорското работење.
Преку практичната работа, студентите ќе добијат поширок увид во функционирањето на една современа централна банка, ќе стекнат искуство од реалната работна средина и ќе имаат можност да ги надградат знаењата стекнати во текот на студиите.
Аналитика








