Имателите на шест премиум и бизнис Mastercard картички издадени во Македонија, од 31 јули ќе останат без бенефитот Fast Track, односно повеќе нема да можат да ги користат приоритетните ленти за побрзо минување низ безбедносните контроли на аеродромите.
За промената Комерцијална банка ги извести своите клиенти, посочувајќи дека таа произлегува од новата политика на Mastercard.
„Ве информираме дека, согласно одлука на Mastercard, од 31 јули 2026 година ќе биде укинат бенефитот Fast Track за премиум и бизнис-картичките во Македонија.
Како резултат на новата политика на Mastercard, овој бенефит веќе нема да биде достапен и со Mastercard картичките на Комерцијална банка кои досега го овозможуваа – Debit Mastercard World, Zipp Mastercard Debit World, Mastercard Platinum, Debit Mastercard Business, Mastercard BusinessCard и Mastercard меѓународната деловна кредитна картичка“, соопшти Банката.
Fast Track е услуга што им овозможува на патниците да користат посебни приоритетни ленти за побрзо поминување низ безбедносната контрола, а на дел од аеродромите и низ пасошката контрола. На тој начин значително се намалува времето на чекање, особено во периоди на голема фреквенција на патници, што ја прави услугата особено корисна за деловните патници и за оние што често патуваат со авион.
Од Комерцијална банка нагласуваат дека промената се однесува исклучиво на бенефитот Fast Track, додека сите останати поволности што ги нудат овие картички и натаму остануваат во функција.
Аналитика








