Државата се предаде, но законот се уште стои. Со ваков став струмичкото здружение за борба против отворањето на рудникот крај селата Иловица и Штука, Здрава Котлина се обрати до Владата преку социјалните мрежи откако извршната власт ја објави пресудата на вишиот Управен суд, со кој се поништува одлуката за поништување на спојувањето на двете руднички концесии за рудникот Иловица, отварајќи го патот за тој да се изгради.
Според нив, Судот ја темелел својата одлука само врз процедурални грешки во образложението на одлуката на претходната влада во 2023 година.
„Во пресудата на вишиот Управен суд не пишува дека концесиите на Еуромакс се законити. Не пишува дека Еуромакс ги исполнил условите. Не пишува дека рудникот може да се гради. Пишува само едно: Владата во јули 2023 донела одлука без доволно образложение. Употребила термин „одлука за престанок” кој не постои во Законот за општа управна постапка. Не навела причините. Тоа е процедурална грешка согласно член 88.
Тие потсетуваат дека Законот за минерални суровини во член 54, став 1 вели дека по склучување на договорот за концесија, концесионерот е должен да поднесе барање за издавање на дозвола за експлоатација во рок од четири години (4) за металични минерални суровини и дека концесијата за Иловица е склучена уште во 2012, што значи дека рокот на концесијата истекол во 2016, што се цели десет години надвор од законскиот максимален рок.
За содржината — дали концесиите воопшто смеат да постојат во 2026 — судот не рекол ниту збор. И тоа не е случајно а постои член кој судот одби да го прочита, во Законот за минерални суровини, член 54, став 1: „По склучување на договорот за концесија, концесионерот е должен да поднесе барање за издавање на дозвола за експлоатација во рок од четири години (4) за металични минерални суровини.” Здрава Котлина потсетува дека концесијата е склучена во 2012. Рокот истекол во 2016, па според тоа дозвола за експлоатација не постои во 2026, бидејќи се поминати десет години надвор од законскиот максимален рок.
Но, тие проблемот го гледаат кај Владата, а не кај Судот. „Она што се случи денес е далеку поопасно: државата систематски го монтира правниот терен за да се случи она за кое нема ниту законска основа, ниту народна поддршка, ниту морален легитимитет“, се вели во обраќањето на Здрава Котлина, кои го потсетија и премиерот Христијан Мицкоски на неговата изјава од 2023 година, кога, во својство на лидер на опозицијата изјави дека „Ова е ништо повеќе од обична владина бизнис-зделка на ДУИ и владата на СДСМ“, нарекувајќи ја врвно лицемерие одлуката на тогашната влада за спојување на двете концесии на Иловица и најавувајќи дека на изборите ќе дојдат на власт луѓе на кои им се важни интересите на граѓаните.
Актуелната Влада денес соопшти дека ја „почитува” пресудата. Дека е „наследена состојба”. Дека ќе постапи „согласно закон и во интерес на граѓаните.”
Според Здрава Котлина, овие три реченици содржат три лаги. Прво: Владата имала законско право да вложи приговор против пресудата. Не го направила. Роковите поминале. Одлуката станала правосилна. Тоа не е несреќа — тоа е свесна одлука.
Второ: „Наследена состојба” не е правен аргумент. Незаконски концесии не стануваат законски само затоа што ги наследила нова влада. Членот 54 не прашува која влада е на власт. Рокот е рок. Беззаконието е беззаконие без оглед чие е.
Трето: Пресудата не кажува дека Владата мора да го одобри спојувањето. Вели само дека мора повторно да одлучи, стои во обраќањето на Здрава Котлина.
Владата може и мора да донесе ново, законски образложено одбивање. Врз основа на член 54 — истечен рок од десет години. Врз основа на член 61 — неедначков правен третман на концесиите поради колатерал. Врз основа на правната логика — анексот никогаш не бил потпишан и рестартот никогаш не настапил.
Ова, според активистите се три независни и кумулативни законски основи за одбивање. Сите три се во законот. Но, сите три ги игнорира Владата.
Ако Владата го одобри спојувањето со рестартиран датум — свесно создава правен преседан со кој секој иден концесионер може да ја повторува истата финта. Барај спојување. Добиј нов старт. Заобиколи ги роковите. Тоа не е правна случајност — тоа е систематско уривање на владеењето на правото.
Од Здрава Котлина потсетуваат дека борбата со рудникот за бакар и злато Иловица трае со години поради тоа што ниту концесионерот, а ниту државата нема дадено одговори како ќе се справи со преку 100 милиони тони рудна јаловина која треба да остане на Огражден кога рудникот ќе престане со работа во наредни 500 години, што нема одобрена еколошка студија, нема решение за вода за жедното Струмичко Поле, но затоа македонска земја е дадена како залог кај странски доверители, а огражденското злато со 75% попуст на златото во договор со Ројал Голд. Нивниот аргумент против рудникот е и податокот дека само Југоисточниот плански регион генерира 175 милиони евра годишно од земјоделство — повеќе отколку целото рударство во Македонија. За разлика од земјоделието, рударскиот концесионер Еуромакс нуди 22 години ископување и 500 години загадување во замена.
Нема багер на Огражден. Нема дупчење. Нема Еуромаксов вработен, подизведувач, геолог или археолог кој ќе работи на наша земја додека законот не се примени рамноправно — за нас и за нив, порачуваат екологистите.
Странските амбасади се известени. Јавноста е будна. Илјадници семејства во Струмичко се сплотени, организирани и подготвени за масовен и непоколеблив отпор.
Отворивте војна со народот. Народот не заборава. Народот не се предава. Нема компромис. Нема назад, се вели на крајот на јавното обраќање до Владата на здружението против изградба на рудникот Иловица.
Југослава Дуковска
Аналитика








