
Зголемувањето на надоместоците за платен промет во дел од банките повторно го стави во фокус прашањето колку граѓаните и компаниите плаќаат за основните банкарски услуги и дали е потребна посилна институционална заштита. Во таков контекст, гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, отвори тема која одамна предизвикува интерес во јавноста – можноста централната банка да добие механизми за ограничување на одредени банкарски надоместоци.
Во објава на социјалната мрежа Икс, Славески повика на разгледување на законски измени со кои на Народната банка би ѝ се овозможиле поголеми овластувања за заштита на корисниците на платежните услуги, по примерот на повеќе европски земји.
„Народната банка во моментов нема законска надлежност директно да ги регулира надоместоците што ги наплаќаат банките. Сепак, актуелните случувања покажуваат дека е потребно да се разгледаат можностите за дополнување на законската рамка, по примерот на повеќе европски земји каде што постојат механизми за заштита на корисниците и обезбедување фер и предвидливи услови за користење на платежните услуги“, наведува Славески.
Тој потсетува дека платниот промет е услуга што секојдневно ја користат и граѓаните и компаниите, поради што висината на надоместоците не е само банкарско, туку и пошироко економско прашање кое заслужува јавна и институционална дебата.
Според гувернерот, во голем број европски држави веќе постојат механизми за регулирање или ограничување на одредени банкарски надоместоци, а тие искуства можат да послужат како основа за евентуални решенија и во земјава.
Целта, како што посочува Славески, е граѓаните и компаниите да имаат пристап до ефикасни платежни услуги по разумни надоместоци и во согласност со современите европски практики.
Неговата реакција следува откако четири банки во земјава во изминатите денови најавија зголемување на надоместоците за услугите во платниот промет. Овие одлуки предизвикаа реакции кај дел од јавноста и повторно го отворија прашањето дали постојната законска рамка обезбедува доволна заштита за корисниците на банкарските услуги.
Аналитика








