Помалку филмови и помалку гледачи во македонските кина во 2025 година. Големото платно не привлекло ниту 300 илјади гледачи во 17 кино-сали низ државата. Притоа, кино-културата е најизразена во главниот град, и тоа во Карпош, каде што функционира Синеплекс, а активна е и Кинотеката на Македонија. Во Куманово, на пример, две години не е прожектиран филм, а во Охрид – преклани два, лани еден.
Минатата година, според податоците на Државниот завод за статистика, биле регистрирани 299.560 посетители во рамките на 12.057 кино-претстави, на кои биле прикажани 922 филма. За споредба, во 2024 година, во 18 кина биле реализирани 13.837 кино-претстави и прикажани 1.042 филмови, кои биле гледани од 334.479 лица. Тоа значи дека бројот на кино-претстави е намален за 12,9 отсто, бројот на прикажани филмови за 11,5 отсто, а посетеноста на кината е пониска за 10,4 отсто.
Центар на кино-животот останува скопската општина Карпош, каде што се реализирани дури 8.880 кино-претстави кои биле проследени од 246.380 посетители. Или, повеќе од 82 отсто од вкупната кино-публика во државата филмови гледала токму таму. Биле прикажани и 404 различни филмови. Сепак, и кината во Карпош бележат пад во однос на 2024 година, кога биле прикажани 423 филмови (- 4,5 %), реализирани 9.824 кино-претстави (- 9,6 %) и регистрирани 262.354 гледачи (- 6,1 %).
На второ место по посетеност е Битола со 24.755 гледачи, 349 претстави и 131 филм. Следуваат Штип (9.515 посетители, 971 проекција и 91 филм) и Велес (5.517 посетители, 861 кино-претстава и 98 филмови).
Тука завршува листата на градови во кои кино-салите лани биле исполнети со илјадници гледачи. Наспроти тоа, во некои градови бројките се скромни. Во Охрид, според статистиката, во текот на целата година бил прикажан само еден филм, со една проекција и 84 посетители. Во Гевгелија имало само две проекции со вкупно 40 гледачи, додека во Крива Паланка 118 жители проследиле една од трите проекции.
Аналитика








