
Додека глобалните цени на енергенсите растат, а кризата на Блискиот Исток создава нови притисоци врз светската економија, Индија презема драстични мерки за да го намали одливот на девизи и да ја заштити својата валута. Владата на премиерот Нарендра Моди ги зголеми увозните давачки за злато и сребро од 6 на 15 проценти, во обид да ја намали огромната побарувачка за благородни метали која почнува сериозно да ја оптоварува економијата.
Одлуката доаѓа само неколку дена откако Моди јавно ги повика граѓаните да го ограничат купувањето златни прачки и да штедат гориво користејќи јавен превоз, работа од дома и заеднички превоз. Владата очигледно се обидува да го намали притисокот врз рупијата, која последните денови падна на рекордно ниско ниво во однос на доларот.
Според новите мерки, Индија воведе основна царина од 10 проценти и дополнителен данок од 5 проценти за увоз на злато и сребро. Причината е јасна — земјата бележи експлозивен раст на побарувачката за злато, особено како инвестиција во време на глобална неизвесност.
Податоците на Светскиот совет за злато покажуваат дека просечниот месечен увоз на злато во првите два месеци од 2026 година достигнал 83 тони, во споредба со 53 тони месечно во текот на 2025 година. Во финансиска смисла, побарувачката речиси се удвоила и во првиот квартал од годинава достигнала рекордни 25 милијарди долари.
Експертите велат дека Индijците сè повеќе гледаат на златото како сигурно засолниште во време на нестабилност. Според „Делоит“, инвестиционата побарувачка за злато скокнала на 40 до 45 проценти, од претходните 30 до 35 проценти.
Но токму оваа „златна треска“ сега станува сериозен проблем за индиската економија. Индија е еден од најголемите светски увозници на стоки и веќе се соочува со огромен трговски дефицит, кој во финансиската година што заврши во март 2026 година надминал 330 милијарди долари, во споредба со 280 милијарди долари една година претходно.
Златото и среброто учествуваат со речиси 11 проценти во вкупниот увоз на земјата, додека нафтата и нафтените производи сочинуваат околу 22 проценти. Дополнителен проблем е што Индија увезува речиси 85 проценти од своите потреби за гориво и во голема мера зависи од испораките преку Ормутскиот теснец, кој беше сериозно погоден од конфликтите на Блискиот Исток.
Економистите предупредуваат дека токму високите трошоци за енергија остануваат најголем ризик за индиската економија. Иако намалениот увоз на злато може делумно да помогне во стабилизирање на тековната сметка, притисокот врз рупијата веројатно ќе продолжи.
„Трошоците за енергија и понатаму остануваат клучниот проблем“, оценува Вишрут Рана од S&P Global Ratings.
Во меѓувреме, аналитичарите предупредуваат дека Индија постепено се оддалечува од економската либерализација што долго време беше еден од главните адути за привлекување странски инвеститори.
„Индија почнува да се повлекува од либерализацијата на пазарот, а токму тоа им се допаѓаше на инвеститорите“, вели економистката Трин Нгуен од „Натиксис“.
Наместо директно да ги зголеми цените на горивата и да ризикува пад на потрошувачката, владата избра индиректен пристап — повисоки царини, контрола на увозот и апели за штедење.
Со тоа Индија станува една од сè поголемиот број азиски земји кои ги повикуваат граѓаните на поштедливо однесување, додека светот се соочува со нов бран енергетска и економска неизвесност.
Аналитика








