ПОВЕЌЕ

    Сметководството е професија со иднина – нуди кариера и плати од 40 до над 90 илјади денари 

    Време зa читање: 3 минути

    На сметководството во Македонија му е потребна млада сила, која ќе биде носител на промените и осовременувањето на професијата. Тоа не е само работа со бројки, туку има големо значење за компаниите и деловните одлуки што ги носат. Затоа во фокусот на Институтот на сметководители и овластени сметководители, освен усогласувањето со меѓународните стандарди, е и соработката со средношколците и студентите.

    „Сметководствената професија треба да е во чекор со глобалните трендови, затоа треба да направиме да биде интересна за младите. Денес сметководството не е само работа со бројки, туку професија што гради доверба и интегритет. Тоа е многу важна професија која има големо влијание на деловните одлуки на компаниите“, истакна претседателката на ИСОС, Весна Прентоска.

    Воедно, таа ја најави третата регионална конференција, со учество на голем број учесници од Србија, Босна и Херцеговвина, Црна Гора и од Албанија. Годинешното мото е „Генерација со визија – професија со иднина“, а настанот ќе се одржи на 6 мај во Скопје.

    Како што посочи, во периодот меѓу двете конференции ИСОС работел на стратешката определба – професијата да се развива согласно меѓународните практики и стандарди, паралелно откривајќи им ја на младите нејзината атрактивност.

    „Токму затоа оваа година го ставаме фокусот на новите генерации, на технологијата и на иднината на професијата“, нагласи Прентоска.

    Професијата е примамлива и со можноста за работа и за заработка без да се замине во странство. За разлика од порано, кога на ова занимање се гледало со потценување, состојбата е променета: почетната плата е меѓу 40 и 45 илјади денари, додека сметководителите со долгогодишно искуство и потврдено реноме имаат месечни примања повисоки од 90 илјади денари.

    ИСОС активно соработува со економските средни училишта и со Катедрата за сметководство и ревизија на Економскиот факултет. Во тие рамки се реализира и поткастот „Повеќе од само бројки“, што го координира студентката Моника Митревска. Целта е младите да се запознаат со професијата и да се мотивираат сметководството да биде нивна професионална определба.

    „Целта е да го прикаже сметководството како динамична и современа професија. Преку разговори со практичари и со експерти да ги разбиеме стереотипите и да покажеме дека нуди стабилност, развој и реални кариерни можности“, потенцира Митреска.

    Освен за младите, на конференцијата ќе се дискутира за трансформација на професијата во услови на засилена дигитализација, со особен осврт на вештачката интелигенција, за новите регулаторни барања и за зголемената потреба од доверба и транспарентност. Сито така, ќе се одржи и саем за дигитализација, на кој ќе се претстават современите софтверски решенија и алатките за унапредување на професијата.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично