
Заостанатите долгови не се ненаплатливи и можат да се решат во реално време. Од тоа корист ќе имаат не само доверителите кои ги добиле своите пари и должниците кои се ослободиле од товарот, туку и економијата. Тоа го овозможуваат компаниите, на кои долговите им се примарен бизнис – ги откупуваат, па ги наплатуваат. Тоа функционира и дава резултати. Така, проблемот станува бизнис вреден стотици милиони евра.
Во Македонија, само во последната деценија се отпишани околу 614 милиони евра побарувања, а во последните три години 105 милиони евра, открива извршната директорка на EOS Maтриx Македонија и EOS Косово, Катерина Бошевска во поткастот „Каде се парите?“ со Горан Теменугов. Но, тоа не значи дека долговите исчезнале. Напротив, постојат и се наплатуваат, само надвор од банкарските биланси.
„Во секоја економија реалната бројка на нефункционални кредити не е таа што е објавена… И кај нас е така, сигурно не е 2,5 проценти, затоа што нефункционалните кредити се гледаат и во вонбилансната евиденција на банките“, вели Бошевска.
Токму таа „вонбилансна зона“ е просторот каде што се создава секундарниот пазар на долгови. Кога банките ќе ги исцрпат сите механизми за наплата, побарувањата ги префрлаат таму, но, не се откажуваат од нив. Тие стануваат високоризични и скапи за одржување, што отвора простор за нивна продажба.
Компаниите како EOS влегуваат токму тука. Ги откупуваат долговите по намалена цена, преземајќи го ризикот, но и потенцијалот за наплата.
„Ние имаме вложено околу 35 милиони евра на нашиот пазар. А, портфолиото ни е околу 300 милиони евра во овој момент“, вели Бошевска.
Тоа значи дека за релативно ограничен влог се управува со маса на долгови која е речиси десеткратно поголема – класичен пример на бизнис модел базиран на ризик и проценка на идни парични текови.
„Ние ги дисконтираме побарувањата… и ја преземаме суштината на работата, ризикот од ненаплатливост“, објаснува таа.
Обемот на овој пазар е значаен и по бројот на случаи. Само едно вакво портфолио може да опфати и до 150.000 должничко-доверителски односи, што покажува колку е распространет проблемот со долговите.
Дополнително, станува збор за долгови кои често „живеат“ со години пред да бидат продадени.
„Ние сме преземале и побарувања стари 10, 15 години, но и од 3 години“, посочува Бошевска.
Токму староста на побарувањата ја намалува нивната вредност, но и ја прави наплатата покомплексна. Затоа, компанијата прави детални анализи за да утврди колку навистина вреди секое портфолио: „Кај банкарските портфолија… повратот може да се цени од 8 до 10 години. Кај телекомските портфолија… од 3 до 5 години“.
Во пракса, најголемиот дел од овие долгови завршуваат во извршување: „Над 75 отсто од нашите портфолија се во извршна постапка, ние соработуваме со над 50 извршители во државата“, додава Бошевска.
Сепак, клучна разлика за граѓаните е што условите можат да бидат пофлексибилни отколку во банките: „Каматата што била кај банката престанува да тече во денот на пресек… ние не пресметуваме таков тип на камати, така што тоа е предноста што ја имаат граѓаните“.
Но, зад овој бизнис стои и поширока економска логика. Нефункционалните кредити директно влијаат врз способноста на банките да кредитираат и со тоа врз економскиот раст.
Во услови на чести кризи, ризикот расте, или како што наведува Бошевска – во последните шест години имаме четири кризи…, а тоа е керозин за нови должници.
Оттука, секундарниот пазар на долгови не е само бизнис, туку и механизам за „чистење“ на финансискиот систем. Колку побрзо банките се ослободуваат од лошите пласмани, толку побрзо можат да финансираат нов раст.
Но, и покрај стотиците милиони евра што се вртат на овој пазар, тој сè уште не е целосно регулиран со посебен закон. Се работи во рамки на постојните прописи, додека европските директиви веќе поставуваат многу појасни правила.
Аналитика








