ПОВЕЌЕ

    ТОП 10 МАРКЕТИ: На Кам му се разденило, на Тинекс му се стемнило

    Време зa читање: 5 минути

    Последиците од воените дејства во Иран и тензиите на Блискиот Исток го ставија нашиот животен стандард пред нов испит. Мартовската инфлација веќе покажа заби достигнувајќи 4,9 насто. Од Владата стигнуваат апели до трговците да не се злоупотребува состојбата. Оттаму посочуваат дека не е можно цените веднаш да скокнат по првиот скок на цените на нафтата и прашуваат дали трговците немале никакви залихи, па веднаш направиле корекции во нагорна линија.

    За растот на цените, прстот директно се вперува во трговските синџири. Сепак, не треба да се заборави дека свој придонес може да имаат и производителите, увозниците, дистрибутерите.

    Пари ги анализира приходите и добивките на најповиканите – трговците. Какви се нивните финансиски резултати за 2025 година? И тогаш имаше реакции за нефер трговски практики.

    Податоците од Бизнис мрежа покажуваат дека на сцена се веќе познатите играчи. За еден од најголемите, Веро, кој во 2024 година беше позициониран на четврто место по промет, нема податоци за 2025 година, и штом ќе бидат достапни, ќе ја анализираме состојбата и кај овој познат трговски синџир. Кај другите 9 трговски синџири со храна од големата десетка, 4 компании имаат раст на добивката, а 5 намалување.

    Во деветте синџири граѓаните оставиле една милијарда евра

     

    Извор: Бизнис Мрежа

    СИТЕ, ОСВЕН ЕДЕН ИМААТ ДОБИВКА

    КАМ и понатаму останува најомилен маркет за пазарење на македонските граѓани. Таму лани се оставени 334,5 милиони евра. Евидентиран е огромен раст на добивката од дури 44 насто. Овој трговски синџир има раст на приходите од 10,9 насто, и малку помал раст на расходите од 9,9 насто. Овој еден процент, разлика меѓу растот на приходите и расходите, ѝ овозможува на компанијата да направи добивка од 10 милиони евра, што е за 3 милиони евра повеќе отколку во 2024 година.

    Во КИПЕР растот на добивката одел со посилно темпо и од растот на приходите и од растот на расходите. Во овој синџир маркети лани е испазарувано за 257,1 милион евра и компанијата реализирала добивка од 6,5 милиони евра.

    Маркетите КИТ-ГО од 19 март годинава се дел од холандскиот синџир СПАР. Овдешниот компаниски назив е СПАР НОРТХ МАЦЕДОНИА ДООЕЛ Скопје, а сопственик е компанијата Вива фреш. Минатата година маркетите КИТ-ГО направиле промет од речиси 112 милиони евра и оствариле профит од 2,5 милиони евра, што е 9 насто помалку отколку во 2024 година.

    СТОКОМАК е третиот избор на граѓаните. Таму се испазарувало за 165,7 милиони евра, или двојно помалку отколку во КАМ. На компанијата ѝ се зголемиле приходите за 8 насто, а расходите се зголемиле за 9,1 насто. Овој навидум мал распон меѓу растот на приходите и расходите ѝ донел на компанијата дури 66 насто помала добивка во 2025 година во однос на 2024 година. Лани добивката била околу 920 илјади евра, а претходната година изнесувала 2,7 милиони евра.

    Маркетите ТИНЕКС ја губат својата моќ. Лани кај нив се испазарувало за 86,3 милиони евра, но компанијата направила загуба од дури 3,5 милиони евра! Во 2024 година овој синџир маркети беше во добивка од речиси 880.000 евра.

    Во велешкиот синџир ЖИТО се испазарувало за 78,8 милиони евра, но ова на компанијата ѝ донело профит од само 16.000 евра. Лани правењето пари не ѝ одело добро на компанијата што ја намалила добивката во однос на 2024 година за 91,9 насто.

    И за РАМСТОР минатата година беше полоша отколку 2024 година. Добивката е намалена за дури 71 насто, од 780.000 на околу 220.000 евра. Прометот, пак, е зголемен, од 64 милиони евра на 66,7 милиони евра.

    Во финансискиот извештај на ЗУР за минатата година сè е зелено. Зголемен е приходот за 16,5 насто, со што прометот стигна до 47,9 милиони евра, а зголемена е и добивката за дури 51 насто, достигнувајќи 716.000 евра.

    Струшката МИСА лани од прометот заработила 24,1 милион евра и тоа е подобар резултат од 2024 година за 9,6 насто. Добрата вест за оваа компанија е што е зголемена и добивката, и тоа за 48 насто, со што профитот бил 1 милион евра.

    ПРОФИТАБИЛНОСТА Е НАЈИЗРАЗЕНА КАЈ МИСА

    Профитот е крајна цел за работа на секоја компанија, па и на трговски синџир. Поголемите профити, пак, овозможуваат отворање нови продавници, отворање нови работни места, па и носење нови производи и создавање конкуренција. Но, до каде профитот е оправдан, позитивен, а од каде преминува во дрско крадење на граѓаните, монополско однесување, користење состојби каква што е сегашната за лични цели?

    Пари ги пресмета нето-профитните маржи на 10-те најголеми трговски синџири во државава. Каков е соодносот на нето-профитот со остварениот промет? Податоци за Веро нема, па без тој да се земе предвид, најголема нето-профитна маржа има кај струшката МИСА и таа изнесува 4,2 насто.

    Интересно е што на второ место е КАМ со 3 насто нето-профитна маржа. Токму овој трговски синџир има пониски цени и се смета дека работи со пониски трговски маржи. Ако други маркети со повисоки цени имаат пониска нето-профитна маржа, нивниот проблем се, очигледно, повисоките трошоци. КАМ важи и за трговец што дава највисоки плати.

     

    Редакција Пари

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично