Македонија ја завршила 2025 година со надворешен долг во нето износ од 4.586 милиони евра, што претставува 27,1 процент од БДП. Во последниот лански квартал е забележано зголемување за 102 милиона евра или за 2,3 проценти. Истовремено, негативната меѓународна инвестициска позиција достигнала 8.750 милиони евра, односно 51,6 проценти од БДП.
Како што наведуваат од Народната банка, „кварталното зголемување на обврските, при истовремено намалување на побарувањата, доведе до зголемување на нето-надворешниот долг за 102 милиона евра“.

Бруто-надворешен долг расте, но со различни движења по сектори. На крајот од декември изнесувал 12.202 милиона евра (72 % од БДП), со квартално зголемување од 34 милиони евра или 0,3 проценти
„Доколку од долгот се исклучи ефектот од специфичните активности за управување со девизните резерви на централната банка, бруто-долгот бележи квартално зголемување од 143 милиони евра“, се посочува во информацијата на НБРСМ.
Растот главно доаѓа од приватниот сектор: „Оваа квартална промена е резултат на зголемените обврски на приватниот и на јавниот долг (за 124 и 20 милиони евра, соодветно)“. Притоа, особено се издвојуваат банките: „Растот на приватниот долг се должи на зголемениот долг на приватните банки (за 202 милиона евра)“. Воедно, се посочува дека за 77 милиони евра е намален долгот на капитално поврзаните субјекти и за еден милион евра на небанкарскиот приватен сектор.
Понатаму, од Народната банка образложуваат дека кварталното зголемување на јавниот надворешен долг од 20 милиони евра е резултат на зголемувањето на долгот на јавните банки и јавните претпријатија за 24 милиони евра, а паралелно со тоа се намалил долгот кај секторот „држава“ за 4 милиони евра и кај централната банка за еден милион евра.
На годишно ниво, бруто-долгот е речиси непроменет, или како што се наведува – во споредба со крајот на 2024 година е понизок за 13 милиони евра или за 0,1 отсто.
Бруто надворешните побарувања на крајот од четвртиот квартал изнесуваат 7.616 милиони евра (44,9 % од БДП). Намалени се за 68 милиони евра или 0,9 отсто.
„Оваа квартална промена е резултат на намалените приватни побарувања за 134 милиони евра, во услови на зголемени јавни побарувања за 110 милиони евра“.
Падот кај приватниот сектор доаѓа од капитално поврзаните субјекти, чиишто побарувања се намалени за 252 милиона евра.
На годишно ниво, пак, има спротивни движења, односно се акцентира дека без ефектот од специфичните активности за управување со девизните резерви на централната банка, бруто-надворешните побарувања се зголемени за 28 милиони евра.
Што се однесува до нето-надворешниот долг, приватниот сектор има доминантно учество. Или, како што велат од Народната банка „приватниот нето-долг и натаму има поголемо учество во вкупниот нето-долг со 71 %“.
Во однос на претходната година има еднопроцентно зголемување – за 46 милиони евра, остварено „во услови на раст на нето приватниот долг за 30 милиони евра и раст на нето јавниот долг за 17 милиони евра“.

Негативната меѓународна инвестициска позиција е продлабочена и изнесува 8.750 милиони евра: „Кварталното зголемување на негативната МИП, нето, произлегува од поголемото зголемување на обврските (за 130 милиони евра), во однос на зголемувањето на средствата (за 105 милиони евра)“.
Структурата покажува доминација на директните инвестиции, кои зафаќаат 97 проценти од вкупниот износ. Од нив, 70 проценти се врз основа на сопственичкиот капитал.
На годишно ниво, негативната МИП е зголемена за нето 91 милион евра. Тоа произлегло од растот на нето-обврските врз основа на должничките (46 милиони евра) и сопственичките инструменти (45 милиони евра).
Аналитика








