Повеќе од 16 милиони евра им се вратени на компаниите од кои во 2023 година беше наплатен солидарен данок. Министерството за финансии започна со исплатата која ќе се одвива во две рати, првата ќе се реализира во текот на месецов, а втората во март идната година. На тој начин државата ќе се раздолжи со најдоходовните компании во износ од околу 49 милиони евра.
„Министерството за финансии започна со исплата на средствата кон компаниите во текот на 2023 година ги уплатија во Буџетот по основ на Законот за данок на солидарност. Досега преку Трезорот на Министерството за финансии се реализирани налози во вкупен износ од 990 милиони денари“, соопштија од Финансии.
Оттаму посочуваат дека вкупниот износ којшто компаниите го уплатија во 2023 година во Буџетот изнесуваше 3 милијарди денари.
„Министерството за финансии врз основа на задолжение од Владата спроведе транспарентна и инклузивна постапка низ која се утврди модалитетот на којшто државата ќе ги врати средствата коишто беа наплатени од компаниите по законското решение коешто беше поништено од страна на Уставниот суд. Станува збор за постапка којашто заедно ја утврдивме со компаниите со цел да може да се вратат средствата, а притоа да не се наруши ликвидноста на Буџетот“, вели министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска.
Повратот на средствата се врши врз основа на доставено барање од страна на компаниите до Управата за јавни приходи, а врз основа на донесен Правилник за изменување и дополнување на Правилникот за формата и содржината на образецот на барањето за враќање на повеќе или погрешно наплатен данок. Компаниите барањата ги доставуваат до Управата за јавни приходи и согласно податоците досега барања имаат доставено вкупно 117 компании.
Законот за данок на солидарност Собранието го донесен во 2023 година. Со него беа опфатени големите компании кои во 2022 година остварија вкупен приход поголем од 615 милиони денари (10 милиони евра). Конкретно, од 156 компании во текот на 2023 година имаше буџетски прилив од 49,2 милиони евра.
Пред една година, по иницијатива покрената од бизнис заедницата, Уставниот суд го поништи Законот за данок на солидарност а државата доби обврска да ги врати средствата. Според редоследот на нештата, Министерството за финансии доби задолжение од Владата, во координација со компаниите, да го утврди моделот за поврат.
Законот, со кој најуспешните и најбогатите компании требаше да ѝ помогнат на државата во лошите времиња, го донесе претходната владејачка гарнитура предводена од СДСМ, раководејќи се според тогашната практика во одделни европски земји. Стопанските комори реагираа уште додека законското решение беше во подготовка, односно сметаа дека тоа е своевидна казна за доброто работење. Тогаш инсистираа и на објавување на „бела листа“, за да се види кој плаќа даноци во државата.
Аналитика








