Акции на четири друштва што котираат на Македонска берза минатата недела, без тргување, добиле нови сопственици. Во нетрговските трансфери се забележани 644 обични акции. Најголемиот дел од нив – 556, биле процесуирани во понеделникот.
Најбројни, пак, се акциите на Алаклоид, вкупно 584. Трансферирани се на двапати, во првите два дена од седмицата – 550 и 34 обични акции. Се работи за хартии од вредност што се меѓу најтргуваните на официјалниот пазар, чијашто моментална просечна цена е 25.096,20 денари.
Другите преноси влезени во неделната статистика на Централниот депозитар за хартии од вредност се реализирани со помали количнии на акции.
Со знакот на Окта се 44 обични акции. Нивната просечна цена е 4.999,50 денари, а произлегува од последното тргување со датум од 13 март.
Промена на сопственоста е регистрирана и кај 10 акции на Макпетрол. Оваа акција, што е меѓу петте најинтересни за инвеститорите, има просечна вредност од 109.100 денари, произлезена од тргувањето на 19 март.
Подарени се и шест акции издадени од ЗК Пелагонија Битола. Последната берзанска трансакција е направена во февруари, просечната цена за акција е 3.600 денари.
Аналитика








