Клубот што со децении беше симбол на кошарката во Скопје и Македонија денес се соочува со драматичен финансиски пад – приходите се намалени за речиси 60 проценти, а 2025 година е затворена со загуба од речиси 324 илјади евра. Драстичен пресврт во однос на 2024 година, иако тогаш беше евидентирана скромна добивка од околу 13,8 илјади евра.
Во клупскиот финансиски извештај се забележува и голем пад на приходите. Од 984,7 илјади евра во 2024 година на ланските 395,5 илјади евра, што значи дека приливите во касата се намалени за повеќе од половина.
Особено е низок износот инкасиран од продажбата. Само 4,2 илјади евра (21,2 илјади евра во 2024), проследени со намалување од 80,16 отсто. Бројките се показ дека приходите од продажба се маргинални, додека најголемиот дел од средствата доаѓаат од категоријата останати приходи – 391,3 илјади евра. Сепак, една година претходно во оваа ставка била заведена сума од 963,5 илјади евра (- 59,37 %). Или, клубот кој не се потпира на сопственото комерцијално работење, функционира благодарение на страничната финансиска поддршка, но и таа се намалува.
Минимални се и остварените финансиските приходи 27.980 денари, што е нешто повеќе од 450 евра. Преклани биле не многу, но повисоки – 4,6 илјади евра.
Од друга страна, расходите од работењето, без оглед што се помали од тие во 2024 година, за речиси двојно ги надминуваат приходите. Достигнале околу 713 илјади евра (962,2 илјади евра – 2024), што е речиси двојно повеќе од остварените приходи. Дополнително, клубот имал и финансиски расходи од 6,7 илјади евра.
Кај трошоците за вработените нема поголеми разлики. Во 2025 година клубот имал петмина вработени, а вкупните расходи за нив – плати, придонеси и други надоместоци – се движат околу 76,2 илјади евра, што е нешто повеќе од претходната година кога биле ангажирани шест лица и за нивно намирување трошоците биле 86,7 илјади евра. Притоа, најголемото зафаќање е за плати и надоместоци, во нето-износ од 45,6 илјади евра (40,8 илјади во 2024).

Финансиските бројки се само дел од приказната за клубот кој со децении беше симбол на македонската кошарка. Најстариот кошаркарски клуб во земјава годинава одбележува 80 години постоење. На паркетот во скопскиот парк израснале генерации кошаркари што ја граделе домашната кошаркарска сцена, а клубот со години беше препознатлив по атмосферата во салата што сега го носи името на Лазар Лечиќ, тренерот со кој Работнички имаше значајни европски настапи.
Од симбол на спортот со клуб што крпи крај со крај – Зад славната историја стои клуб кој се соочува со сериозни финансиски и организациски проблеми. Во февруари годинава, кошаркарите и стручниот штаб јавно реагираа за состојбата во клубот, тврдејќи дека функционираат во „недостоинствени услови“, без основна опрема и со постојана неизвесност околу организацијата на натпреварите и патувањата.
Во заедничко соопштение тие наведоа дека им се должат осум плати, а дел од патувањата се организирале без сигурен превоз, па дури и со помош на навивачите.
„Тимот функционира во недостоинствени услови, без основна опрема, без елементарна логистика и со постојана неизвесност околу најосновните организациски прашања. Ова е срам за клуб со ваква историја и реноме“, наведоа кошаркарите.
Дополнително незадоволство предизвика и фактот што играчите и стручниот штаб не биле поканети на официјалното отворање на реновираната сала во Градски парк – нивниот долгогодишен дом.
Големи ветувања и реалноста на теренот – Не така одамна, во јули минатата година, од локалната градска власт беа најавени нов почеток и стабилизација на клубот. На средба со управата и новиот тренер Владимир Мирковски, градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски изјави дека со новиот стручен тим и реконструираната сала клубот повторно ќе биде меѓу водечките имиња во македонската кошарка.
Но, финансиските резултати и реакциите од тимот покажуваат дека проблемите се далеку од решени.
М.А.
Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
Аналитика








