Кина упати досега најдиректно предупредување до Европската унија, најавувајќи контрамерки доколку Брисел го усвои новиот закон за забрзување на индустријата, познат како „Made in Europe“. Со овој потег, трговските тензии меѓу двете економски сили влегуваат во нова фаза, со потенцијал за поширок економски судир.
Предлог-законот, подготвен од Европската комисија, има за цел да ја зајакне домашната индустрија и да ја намали зависноста од странски пазари. Фокусот е ставен на стратешки сектори како чисти технологии, автомобилската индустрија и енергетски интензивните гранки – челик, алуминиум и цемент. Една од клучните одредби предвидува електричните возила што добиваат државна поддршка да бидат произведени во ЕУ, со најмалку 70 проценти компоненти од земјите членки.
Се предвидува и засилен надзор врз странските инвестиции во овие сектори што, иако не е експлицитно наведено, најдиректно се однесува на кинеските компании. Пекинг реагира остро, оценувајќи дека мерките се дискриминаторски и спротивни на правилата на Светската трговска организација, со барање тие да бидат повлечени.
Дополнителен извор на тензии е и новата одлука на ЕУ, од 1 јули да воведе фиксна царинска давачка од 3 евра за мали пратки со вредност под 150 евра. Оваа мерка директно ги погодува кинеските онлајн платформи како „Шеин“ и „Тему“, чиј бизнис модел се базира на евтин и масовен извоз кон европските потрошувачи.
Аналитичарите предупредуваат дека, доколку законот биде усвоен без измени, Кина би можела да возврати со ограничување на пристапот до својот пазар, дополнителни регулаторни бариери или насочени мерки кон европските компании. Во игра се повеќе сценарија – од преговори и компромис, до ескалација на трговскиот спор, при што Европа се обидува да ја заштити и зајакне сопствената индустрија, а Кина настојува да го задржи пристапот до клучните пазари за своите производи.
(Фото: Мagnific)
Аналитика








