ПОВЕЌЕ

    Онлајн дијагноза од лекарите во дијаспората – телемедицината се тестира во Дебар и Делчево

    Време зa читање: 2 минути

    Tелемедицината ќе биде клучна алатка за надминување на недостигот на лекари и за задржување на здравствениот систем во функционална форма, особено во услови на континуирано иселување на медицински кадар. Новиот концепт не само што ќе ја подобри достапноста на здравствените услуги, туку ќе отвори и системски канал за вклучување на лекарите од дијаспората во домашниот здравствен систем, смета министерот за здравство, Азир Алиу.

    „Денес имаме голем број лекари во дијаспората кои се многу добри специјалисти, работат на високо ниво и се почитувани во земјите каде што работат. Ние не сакаме овој човечки капацитет да остане неискористен“, изјави Алиу.

    Според него, преку телемедицината ќе се овозможи овие професионалци да учествуваат директно или од далечина во третманот на пациенти во земјава, со што би се намалил притисокот врз домашните здравствени установи. Тој посочи дека веќе има интерес и подготвеност за вклучување од страна на дел од академската и медицинската заедница во странство, дури и без финансиски надомест.

    Проектот веќе е во почетна фаза на имплементација и се тестира во два града, во Дебар и Делчево, каде што пациентите добиваат здравствени услуги од далечина, со поддршка од специјалисти во Скопје.

    „Првата фаза е пилотирање, додека втората фаза ќе се фокусира на стандардизација на процедурите за телемедицина, со цел системот да се прошири и да ги вклучи и лекарите кои работат надвор од земјата“, нагласи министерот.

    Во следната фаза, како што најави Алиу, се предвидува развој на напредни дигитални системи, особено во областа на радиологијата, кои ќе овозможат специјалистите од дијаспората да даваат стручно мислење за медицински случаи во реално време.

    Целта, според Министерството, е телемедицината да прерасне во одржлив модел што ќе го подобри пристапот до здравствени услуги, но и ќе воспостави трајна професионална врска меѓу домашниот систем и медицинските експерти во странство.

    (Фото: Magnific)

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично