
Во време на распространета корупција, вест е дека од позиција на политика и моќ е одбиена непристојна понуда, а политичарот манифестирал висока принципиелност.
Македонија нема да прифати промена на името, рекол претседателот Киро Глигоров во раните 90-ти години од минатиот век, и одбил 100 милиони долари понудени од официјални грчки претставници. Во услови на лоша економска состојба се спротивставил и грчките барања ги оценил како „нерационални“. Порачал дека земјата веќе дала доволно гаранции дека нема територијални претензии кон соседите.
Сето ова е документирано во аналитички документи на американските разузнавачки служби од 1992 година, кои неодамна се декласифицирани и објавени во архивите на американската влада.
Според документот, грчки официјални претставници понудиле финансиска поддршка во замена за компромис околу името, во време кога новата држава, освен со сериозна економска криза, се соочувала и со дипломатска изолација.
Во анализата на американските разузнавачи, Глигоров е опишан како „мудар стар лисец“, искусен политичар кој внимателно ги балансирал крупните стратегиски одлуки. Документите наведуваат дека тој имал клучна улога во кампањата за меѓународно признавање на Македонија, но бил разочаран од одлуката на Европската заедница да ги поддржи грчките приговори околу името на државата.
Извештаите го прикажуваат Глигоров и како централен фактор за политичката стабилност во земјата, особено во периодот кога владата беше предводена од премиерот Бранко Црвенковски. Американските аналитичари оценуваат дека претседателот се обидувал да ги ублажи етничките тензии преку уставен модел што ги нагласува индивидуалните, а не колективните права на националностите.
Во документите се споменува и неговата недоверба кон тогашните регионални лидери, особено кон Слободан Милошевиќ и Фрањо Туѓман, кои ги сметал за одговорни за распадот на Југославија. Глигоров, според анализите, ги одбил обидите на Милошевиќ, Македонија да се приклучи кон нова државна заедница под српска доминација. Истовремено, покажувал интерес за идејата на тогашниот југословенски премиер Милан Паниќ, за создавање балканска економска унија во која би биле вклучени и Грција и Турција.
Американските извори потсетуваат и на долгата политичка кариера на Глигоров. Пред распадот на СФРЈ тој извршувал високи функции во федералните институции, меѓу кои претседател на Сојузното собрание и сојузен секретар за финансии. По повлекувањето од политиката во 1978 година, повторно се активирал во периодот на реформите на југословенската економија, како советник на премиерот Анте Марковиќ и автор на програмата за економски реформи.
Спорот за името меѓу Македонија и Грција започна веднаш по осамостојувањето на државата во 1991 година и остана еден од најголемите дипломатски предизвици за земјата во следните децении. Беше затворен дури во 2018 година со Преспанскиот договор, кога државата го прифати името Република Северна Македонија.
Аналитика








