
Македонската економија е особено чувствителна на глобални енергетски кризи, бидејќи државата е силно зависна од увоз на енергенси, вели новинарот Мирче Јовановски во поткастот „Каде се парите?“. Според него, токму поради таа зависност секоја геополитичка криза која ги крева цените на нафтата и гасот директно се прелева и во домашната економија. Тоа значи дека растот на цените на енергијата брзо се претвора во повисоки трошоци за компаниите и поскап живот за граѓаните. Предупредува и дека Македонија веќе ги нема фискалните бафери кои што би требало да овозможат полесно справување со некоја идна криза, која полека се надѕира поради Иран.
„Мислам дека нашите фискални бафери и без ова црно сценарио со Иран се веќе на самата граница. Немаме веќе голем простор за дополнително задолжување. Знаме дека е најавена покрај издадената еврообврзница од милијарда евра, 2 по 500 милиони, најавено е уште едно задолжување од 300 милиони евра, исто така за враќање на доспеани обврски, кредити. За наредната година има исто огромна обврска за да се вратат кредитите. Така да, Македонија не е во позиција да прави некои дополнителни задолжувања, доколку се случат некои непредвидени или несакани сценарија во однос на светската економија, кои ќе имаат негативен ефект и врз Македонија.“
Следете нè и притиснете „subscribe“
Аналитика








