Дел од македонските компании се покажале жилави на блокадите ‒ само што се одблокирале, пак биле блокирани. Но, колку од нив навистина ќе преживеат, или колку успеале да го пребродат лошиот период?
Анализата на „Пари“ во соработка со БизнисМрежа покажува дека некои компании ова непријатно искуство го доживеале само еднаш лани, но дека има и такви што преку 40 пати биле со блокирана сметка, или, грубо кажано, речиси секоја недела им била блокирана сметката.
Системот на Бизнис мрежа исфрли 17 компании што лани биле блокирани над 25 пати. Тие заеднички доживеале 433 блокади. Во оваа 17-ка, поединечните блокирања на сметката се движеле од 25 до 47 пати.

Извор: БизнисМрежа
РЕЧИСИ СИТЕ РЕКОРДЕРИ ПО БЛОКАДА ПАК СЕ БЛОКИРАНИ
„Пари“ направи анализа на првите компании за да се согледа тенденцијата: во каква состојба се сега компаниите коишто често биле блокирани? Заклучокот е дека најголем дел и сега се под блокада и дека уште од 2024 година западнале во минус.
Рекордер по блокирани сметки (47) е Друштвото за производство, трговија на големо и мало и услуги 07-ЏАМБО увоз-извоз ДООЕЛ Ресен. Според податоците од Бизнис мрежа, компанијата и сега има блокирана сметка. За минатата година сè уште нема финални податоци. Во 2024 година компанијата имала загуба од 77.000 евра, а во 2023 година имала скромна добивка од 8.400 евра. Компанијата учествувала и на државни тендери и имала скромни приливи – во 2024 година околу 200.000 денари, а 11 вработени.
Трговско друштво за трговија на големо и мало и увоз-извоз ШИК КОМЕРЦ Битола ДООЕЛ сега не е под блокада. Лани било блокирано 42 пати. Во 2024 година остварило добивка од околу 5.800 евра, а имало 50 вработени.
И Друштвото за производство, трговија, угостителство и услуги ФЕМИЛИ-СИТИ МАРКЕТ ДООЕЛ експорт-импорт Тетово, по 37 блокади во 2025 година, пак е под блокада. Во 2024 година била во загуба од 16.700 евра и имало 4 вработени.
За Приватната здравствена установа-аптека ФАРМАНОВА Струмица на Бизнис мрежа веќе нема податоци.
Блокирана е и АЈКУЛА 2019 ДООЕЛ Кочани, а во 2024 година направила минус од 14.200 евра и имала 3 вработени. Лани фирмата била блокирана 32 пати.
И шестиот рекордер по лански блокади, Друштво за производство трговија и услуги ЛА – СДИ ДООЕЛ Скопје, пак е блокиран. Во 2024 година имала скромна добивка од околу 1.000 евра и 4 вработени.
Друштво за трговија и услуги увоз-извоз ДИАНИТА ДООЕЛ Струмица сега е блокирано. Уште во 2024 година било во минус 720.000 евра, а имало 3 вработени.
ПО 45 ДЕНА БЛОКАДА МОЖЕ ДА СЕ ОТВОРИ СТЕЧАЈ
Ако сметката на компанијата 45 дена е блокирана, некој од доверителите може да побара стечај на фирмата.
Стечај или реорганизација над должникот се спроведува кога стечајниот должник е неспособен за плаќање. Ќе се смета дека должникот е неспособен за плаќање ако во период од 45 дена од која било негова сметка, кај кој било носител на платниот промет, не е исплатен износот што требало да биде исплатен врз основа на важечките основи за плаќање.
Во пракса, многу фирми имаат блокирана сметка со години, а не се отвора стечај затоа што: управителите не поднесуваат, доверителите не иницираат, нема доволно имот за трошоци на постапката.
Редакција Пари
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска
Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
Аналитика








